Mehmet Alaca
30 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Американските разузнавачки агенции соопштија дека можеби никогаш нема да биде откриен коренот на Ковид-19, но заклучија дека вирусот не е произведен за да биде користен како биолошко оружје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во извештајот од Канцеларијата на Националната дирекција за разузнавачки работи (ОДНИ), од кој е тргната ознаката за тајност, наведено е дека постојат две можни хипотези, дека Ковид-19 протекол од лабораторија или настанал по природен пат“, јави „Би-би-си“.
Сепак, кажано е дека нема доволно информации за да биде донесен конечен заклучок.
Иако веруваат дека вирусот не е произведен за да биде користен како биолошко оружје, претставниците на разузнавачките служби се разминуваат во мислењата за можното настанување на вирусот.
Четири разузнавачки агенции покажуваат „ниска доверба“ за тоа дека вирусот преминал од заразено животно или дека бил предизвикан од друг вирус.
Една разузнавачка агенција покажува „средно убедување“ дека поради „лабораториска несреќа“ на Институтот за вирологија во Вухан, Кина, вирусот истекол и така е пренесен на човек.
Во извештајот наведуваат дека кинеските претставници не знаеле за постоењето на вирусот пред да дојде до ширењето на заразата кон крајот на 2019 година во Вухан. Се додава дека Кина ја спречувала меѓународната истрага и се спротивставувала во споделувањето податоци.
Во мај, американскиот претседател Џо Бајден наредил започнување истрага за потеклото на вирусот, вклучително и за можноста вирусот да е изнесен од лабораторија, тврдење кое кинеската страна го одбива.
Во светот како последица на Ковид-19 починале околу пет милиони луѓе, а повеќе од 240 милиони се заразени.