Safvan Allahverdi
05 Ноември 2019•Ажурирај: 06 Ноември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео, се огласи преку соопштение за повлекувањето на Соединетите Американскии Држави (САД) од Парискиот климатски договор, јавува Anadolu Agency (AA).
Истакнувајќи дека официјално е поднесено барање за повлекување од договорот, Помпео во текстот наведува: „Претседателот Доналд Трамп донесе одлука за повлекување од Парискиот климатски договор поради товарот што тој го создава врз американскиот народ, даночните обврзници и врз деловните активности.“
Од друга страна, експертите наведуваат дека повлекувањето на САД од споменатиот договор, поради постоечките процедури може да потрае и до една година.
- „Товарот врз економијата ќе изнесуваше 3 билиони долари“ -
Доналд Трамп на 1 април 2017 година на прес-конференција организирана во Белата куќа соопшти дека САД се повлекуваат од Парискиот климатски договор, кој е потпишан од страна на повеќе од 190 земји во светот.
Според Трамп, „договорот не претставува борба со климатските промени, туку обезбедување економска предност на другите земји наспроти САД“, додавајќи дека тоа би предизвикало загуба од 3 билиони долари и 6,5 милиони работни места.
- Парискиот климатски договор -
На 11 декември 2015 година во Париз се одржа 21. Конференција на Обединетите нации за климатските промени на која беше одобрен Договорот, за во април 2016 година тој да биде потпишан од над 190 земји во светот.
Барак Обама, претходникот на Трамп, беше еден од најголемите поддржувачи на Договорот и лидер за време на преговорите, чија главна цел беше зголемувањето на просечната температура на крајот од столетието да биде меѓу 1,5 и 2 степени.
Во преден план на Договорот е земјите да бидат подготвени за негативното влијание на климатските промени, поддршка за еколошките и одржливите иницијативи со кои би се намалила емисијата на стакленички гасови и материјална поддршка на земјите во развој за транзицијата кон чиста енергија.
Според законските одредби на Договорот, Генералниот секретаријат на Обединетите нации ќе може да го прими барањето на САД за повлекување од Договорот најрано на 4 ноември 2019 година. Процесот по прифаќањето на барањето треба да трае околу 1 година и официјалното повлекување на САД од договорот би можело да се случи во ноември 2020.