Zuhal Demirci
19 Ноември 2019•Ажурирај: 20 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за нелегалните еврејски населби е нов пример за безобѕирен и незаконски став кон легитимирање на нелегалните постапки на Израел, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Администрацијата на САД, со одлуките за израелската окупација на Ерусалим и Голанската Висорамнина го сврти вниманието на целата меѓународна заедница која се противеше на таа одлука, овој пат, со тоа што истакна дека нелегалните населби на Западниот Брег не се противзаконски, покажувајќи еден нов пример за безобѕирен и незаконски став кон легитимирање на нелегалните постапки на Израел“, се нагласува во соопштението на Министерството.
Изјавата дадена од американскиот државен секретар Мајк Помпео не е во согласност со меѓународното право, вклучувајќи го 49. член од 4. Женевска конвенција и одлуката број 2334 (2016) на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).
„Израелските населби во окупираните палестински територии претставуваат најголема пречка за визијата за дводржавно решение засновано врз утврдени меѓународни параметри за решавање на израелско-палестинскиот проблем. Меѓународниот правен систем нема да се промени со произволно расположение на една земја и таквото дејствување нема важност во меѓународното право.“
Во соопштението се вели дека Турција, заедно со сите одговорни членки на меѓународната заедница, ќе продолжи да ги брани легитимните права на палестинската држава и независноста на братскиот палестински народ.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео синоќа соопшти дека повеќе не ги сметаат за нелегални еврејските населби во окупираниот Западен Брег.
Помпео рече дека администрацијата на Доналд Трамп ја променила политиката од периодот на Барак Обама кон еврејските населени места на Западниот Брег.
Тој, исто така, наведе дека долгогодишниот пристап на САД кон Западниот Брег не помогнал во воспоставувањето мир во регионот.
Помпео потсети дека администрацијата на 39. претседател на САД, Џими Картер, во 1978 година нагласила дека израелските напори за цивилните населени места не се во согласност со меѓународното право, но администрацијата на 40. американски претседател Роналд Реган се спротивставувала на тој став.