Safvan Allahverdi
06 Ноември 2019•Ажурирај: 07 Ноември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Властите на Соединетите Американски Држави (САД) го обвинија Иран дека е главен виновник за проблемите кои доведоа до масовни и насилни антивладини протести во Ирак и Либан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, во порака на Твитер наведе дека невработеноста, корупцијата и неефикасните јавни услуги довеле до протести во Ирак и Либан.
„Народите на Ирак и Либан сакаат да им се вратат нивните држави. Гледаат дека корупцијата е единственото што Иран го извезува под слоганот револуција“, порача Помпео.
Шефот на американскиот Стејт департмент, Помпео, исто така наведе дека народите на Ирак и Либан имаат право да се изборат за право на сопствена реторика која нема да мора да се базира на реториката на иранскиот верски водач, ајатолахот Али Хамнеи.
Антивладините протести во Ирак започнаа почетокот на октомври, а новиот бран протести започна на 25 октомври. Во нередите на улиците досега животот го загубија најмалку 260, а ранети се 12.000 лица.
Високата стапка на невработеност, корупцијата и сè потешката безбедносна и економска ситуација се повод за протестите.
Според податоците на Светската банка, Ирак е 12. најкорумпирана земја на светот, а стапката на невработеност кај младите изнесува 25 отсто.
И во Либан од 17 октомври траат масовните антивладини протести, а демонстрантите бараат формирање технократска влада која би се соочила со корупцијата и економската криза во земјата.