Vakkas Doğantekin
29 Април 2020•Ажурирај: 30 Април 2020
АНКАРА (АА) - Американскиот потпретседател и шеф на Штабот на Белата куќа за борба против коронавирусот, Мајк Пенс, е соочен со жестоки критики поради кршење на протоколот за задолжително носење заштитна маска за време на посетата во приватна болница во Минесота, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пенс беше единствен член на делегацијата којшто не носеше заштитна маска за време на посетата во приватната болница, клиниката „Мајо“, со што го прекрши протоколот на болницата, но и наредбата којашто ја издаде Штабот на чие чело се наоѓа тој.
На видеоснимките кои се објавени на локалните и социјалните медиуми се гледа како Пенс без никаква заштита разговара со еден од вработените во болницата, кој неодамна е излекуван од Ковид-19.
На снимките се гледа и како Пенс, исто така без маска и без каква било заштита, ја посетува и лабораторијата во која се собираат примероци за тестирање на коронавирусот.
Тој подоцна се придружи на дискусија со официјалните претставници од Медицинскиот центар, при што беше единственото лице кое не носеше маска.
Раководството на болницата на Твитер соопшти дека го предупредило потпретседателот Пенс на задолжително носење маска, но таа објава подоцна беше отстранета од социјалната мрежа.
Илјадници корисници на социјалните мрежи го критикуваа однесувањето на Пенс и официјалните претставници на болницата кои му дозволиле присуство во болницата без неопходната заштитна опрема.
Пенс изјави дека болницата ја посетил за да има можност да разговара со храбриот медицински персонал и лично да му се заблагодари за сето она што го прави во борбата против коронавирусот.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред изборите во 2016 година го избра Пенс за кандидат за потпретседател, првенствено поради неговите врски со евангелистичката католичка црква.
Колеџот „Емерсон“ вчера објави резултати од анкета кои покажаа дека 51 отсто од испитаниците се незадоволни од лошото водење на Трамп на борбата против пандемијата.
Анкетата е спроведена во претходните три дена на примерок од 1.200 американски државјани. Слична анкета беше спроведена кон крајот на март кога 41 отсто од испитаниците негодуваа поради начинот на водење на Трамп на борбата против пандемијата.