Ayhan Şimşek
08 Септември 2021•Ажурирај: 10 Септември 2021
БЕРЛИН
Вакцинираните луѓе имаат десетпати помала веројатност да бидат хоспитализирани поради Ковид-19 отколку оние кои се невакцинирани, истакна денеска висок германски здравствен експерт, јавува Агенција Анадолија (АА).
Професорот Лотар Вилер, шеф на Институтот „Роберт Кох“, рече дека вакцините продолжуваат да нудат силна заштита од Ковид-19, и покрај појавата на нови варијанти како што е сојот Делта.
„Ризикот од хоспитализација поради Ковид-19 е десетпати помал кај вакцинираните луѓе во споредба со оние кои не се вакцинирани“, рече тој на прес-конференција во Берлин.
Вилер посочи дека студијата на Институтот покажала дека вакцинациите спречиле најмалку 38.000 смртни случаи и 77.000 хоспитализации во Германија во периодот од јануари до јули оваа година.
Додаде дека речиси 20.000 луѓе се спасени од завршување на одделите за интензивна нега.
„Вакцините се нашата најмоќна алатка против Ковид-19“, нагласи тој, додавајќи дека вакцините не ги штитат само примателите, туку и останатите со забавување на ширењето на заразувањето и спречувањето на нови варијанти.
Вилер ги повика луѓето кои сѐ уште се нерешителни во врска со вакцинацијата да се вакцинираат против Ковид-19 без одложување, истакнувајќи дека Германија може да се соочи со големо враќање на вирусот во есен и зима доколку во следните недели не ја исполни својата цел за имунизација.
„Ако не можеме значително да ги зголемиме сегашните стапки на вакцинација, сегашниот четврти бран на пандемијата може да земе фулминантен тек наесен“, предупреди тој.
Околу 54,9 милиони луѓе во Германија, или 66 отсто од населението досега имаат примено барем една доза вакцина против КОВИД-19, додека 51,2 милиони, или 61,7 отсто, се целосно вакцинирани.
Владата има за цел да вакцинира 70 отсто од населението до крајот на септември, но се чини дека нема да ја постигне целта бидејќи темпото на вакцинација забави во последните недели.