БЕРЛИН (АА) - Проф. д-р Угур Шахин, директор и коосновач на германската биотехнолошка фирма „БајоНТех“, изјави дека константно ги следат досегашните мутации поврзани со појавата на новата варијанта на коронавирусот во Велика Британија, и дека во тој поглед не гледаат некои проблеми.
Во разговорот за Агенција Анадолија (АА), Шахин рече дека се среќни што и земјите од Европската Унија (ЕУ) ја одобриле нивната вакцина „BNT162b2“ против Ковид-19, што ја развија компаниите „Фајзер“ и „БајоНТех“.
„Ова е многу важен момент за нас. Европската агенција за лекови (EMA) е пример и модел за другите земји. Ќе ја испратиме вакцината во 27 земји членки, па и тие земји ќе започнат со вакцинација. Се разбира, сега немаме доволно дози на вакцината. Неколку стотици илјади дози од вакцината ќе одат во секоја држава. Потоа веројатно во јануари и февруари ќе имаме можност да го зголемиме бројот на вакцини на 10-15 милиони дози“, рече Шахин.
Тој напомена дека не уочиле никаков проблем во врска со ефектот на вакцината „BNT162b2“ на новата мутација на вирусот.
„Ова не е вирус кој ја доживува првата мутација. Пред тоа, исто така, постоеле различни мутации. Ги проверивме сите досегашни мутации и не забележавме некои недостатоци и проблеми. Потребни се две недели за контрола на новите мутации. Не се плашиме премногу. Мораме да провериме, но не станува збор дека нашата вакцина нема да биде ефикасна и против ова“, рече Шахин.
- Уште нема доволно истражувања за новата варијанта на коронавирусот -
Шахин нагласи дека сè уште нема доволно истражувања за новата варијанта на коронавирусот, што се појави во Велика Британија.
„Во моментов нема студии за овој вирус. Она што го знаеме е дека скоро се појавил. Некои говорат дека побргу се пренесува од човек на човек. Не знаеме сè уште бидејќи науката не го потврди тоа, сè уште не сме читале научни текстови за тоа. Ние ги донесовме генетските мутации во нашите лаборатории. Ќе почнеме да работиме на тоа. Еден отсто од генетскиот код на овој вирус мутирал, 99 отсто не. Бидејќи нашата вакцина зазема многу различни позиции, веруваме дека, дури ако се промени и овој еден процент, повторно ќе може да го консолидира остатокот од 99 отсто“, објасни овој угледен експерт, со потекло од Турција.
Шахин истакна дека преговараат за вакцината и со Турција, и додаде дека во краток рок очекува потпишување договор, напоменувајќи дека ќе биде пресреќен што и во Турција ќе ја испрати вакцината што ја создале.
Тој нагласи дека е многу важно што и Европската агенција за лекови (EMA) ја одобрила употребата на вакцината на „Фајзер“ и „БајоНТех“.
„Ова е многу важно за оние што направија огромна работа во развојот на вакцината. Ова е нешто навистина убаво. Ова е уште еден многу важен чекор. Среќен сум, но како што гледате, и понатаму сум многу концентриран. Секогаш морам да размислувам за она што следува. Нема многу време за емоции“, рече Шахин, додавајќи дека ќе продолжи со континуираното производство на вакцината.
- Вакцината се произведува континуирано -
„Нашите вработени се тука, во Германија, Белгија и во САД. Таму вакцината се произведува континуирано. Сега е значајна таа прва испорака. Тогаш луѓето ќе можат да почнат да се вакцинираат. Кога ќе биде потребно, ќе доставиме нови испораки бидејќи вакцинацијата не е лесна работа. Потребно е да се вакцинираат повеќе од 500 милиони Европејци. Станува збор за голема документација, логистика. Тоа не оди баш така лесно. По мое мислење, до летото нема да имаме висока стапка на вакцинација“, рече Шахин.
На прашањето за тоа кога луѓето ќе успеат да го победат коронавирусот, Шахин истакна дека не може да се очекува потполна победа во борбата со вирусот.
„Никогаш нема да можеме во потполност да го победиме вирусот. Она што сакаме да го постигнеме е повеќе да не се доведуваме во ситуација луѓето да не можат да излегуваат од своите домови. Тоа можеме да го постигнеме доколку сите добро работиме и ако бидат испорачани доволно дози на вакцината. Тоа можеме да го постигнеме кон крајот на летото. Ќе биде полесно во текот на летото. И вие забележавте дека животот ова лето речиси нормално се одвиваше, бидејќи вирусот преку летото е помалку активен. И луѓето го минуваат поголемиот дел од времето надвор. Помала е и веројатноста да се заразат надвор. Важно е да ја пребродиме зимата. Тоа сепак е можно само кога се сите дисциплинирани и кога се грижат за себе и другите. Од друга страна, многу е важно 60 до 70 отсто од луѓето да се вакцинираат пред да настапи зимата. Тогаш ќе можеме да кажеме дека повеќе нема да мораме да се затвораме“, истакна Шахин.
Раскажа дека ја сфатиле ефикасноста на вакцината кога ги добиле привремените резултати, додавајќи дека во тој важен момент бил информиран од извршниот директор на компанијата „Фајзер“.
На прашањето дали ќе се вакцинира, рече дека во моментов планираат вакцинација и на нивните вработени.
„Работиме токму на тоа. Сакаме да произведеме доволен број дози за нашите вработени. Тогаш и јас веројатно ќе се вакцинирам“, одговори Шахин.
- Добил прекрасни пораки од Турција -
Шахин зборуваше и за своето потекло, додавајќи дека во Турција има роднини и дека е во комуникација со нив.
„Секако, сите се горди и многу се возбудени. Мислам дека тоа е навистина прекрасно. Примам прекрасни пораки од Турција и од Турците што живеат во Германија. Драго ми е поради тоа. Сите се многу горди. Разбирам што чувствуваат. За жал, можам да одговорам на само некои од тие пораки. Ја користам оваа можност да им се заблагодарам на сите. Кога некој друг нешто ќе постигне, ние Турците сме пресреќни за него“, рече Шахин.
На прашањето дека многумина во Германија го сметаат за успешен пример на интеграција и дали себеси навистина се гледа како пример во таа смисла, тој истакна дека многу му помогнало тоа што ги завршил студиите.
„Имав среќа да студирам. Среќен сум што постигнав некои добри работи. Среќен сум што сум со извонредни луѓе. Верувам дела секоја личност на некој начин е пример. Секој што ги извршува своите должности и го следи својот талент, ги почитува другите, ги почитува родителите, може да биде пример за другите. Го работам сето она што треба да го работи секој човек“, рече проф. Шахин.
Тој напомена дека на младите луѓе може да им порача дека треба да го работат она што го сакаат и секогаш треба да им помагаат на другите.
„Можам да им порачам само она што јас го правам. Секогаш сум фокусиран на две нешта. Љубов кон науката и љубопитност. Секогаш се обидувам да разберам како некои нешта функционираат. Можам да ги советувам луѓето да работат нешто што сакаат. Јас студирав медицина. Станав доктор и професор, но никогаш не ме интересираше кариерата. Дури и ако нешто направите 10.000 пати, важно е да го работите тоа, а не да чувствувате заситеност. Она што ме придвижува е да им помагам на луѓето. Тоа е некое размислување кое го одредува правецот. Ако ги комбинирате тие две работи, може навистина да се случи нешто убаво“, истакна Шахин.
На прашањето за тврдењата дека би можел да биде номиниран за Нобелова награда, Шахин не сакаше многу да зборува.
„Не е правилно да се коментира за научна награда за која одлучуваат други луѓе. Она што за мене сега е важно е всушност да успееме следната година во она што се обидуваме да го направиме. Потоа, една година подоцна да го реализираме она во што сакаме да успееме. Ако успеете да направите разлика, на некој начин ќе бидете наградени. Не размислувам многу за тоа. Пофалбите секогаш доаѓаат подоцна“, рече Шахин, додавајќи дека секако ќе продолжи со истражувањата за карциномот.
„Всушност работиме на истражувања за карциномот секојдневно“, рече овој научник.
- Потребно е добро да се информираат луѓето кои не им веруваат на вакцините -
Шахин напомена дека е потребно да се просветлат и да се информираат луѓето коишто се противат и кои не им веруваат на вакцините.
„Мораме да го направиме тоа. Мораме да ги побиеме лажните информации и да бидеме трпеливи. Тогаш состојбата ќе се поправи“, рече Шахин.
На крајот, проф. д-р Шахин рече дека во турскиот град Искендерун, каде што е роден, сè уште постои малата куќа во која живеел со своето семејство додека бил дете.
news_share_descriptionsubscription_contact


