Ömer Tuğrul Çam
12 Јануари 2021•Ажурирај: 13 Јануари 2021
БРИСЕЛ (АА) - Компанијата „АстраЗенека“ поднесе барање до Европската агенција за лекови (ЕМА) за одобрување на вакцината против Ковид-19, што ја разви во соработка со Универзитетот „Оксфорд“, јавува Агенција Анадолија (АА).
ЕМА соопшти дека компанијата „АстраЗенека“ поднела барање за условно одобрување за ставање во промет на вакцината што ја развила во соработка со Универзитетот „Оксфорд“.
Во соопштението се наведува дека ЕМА веќе неколку недели ја разгледува ефикасноста на вакцината на АстраЗенека/Оксфорд и дека одговорот на барањето би требало да пристигне на 29 јануари.
Во случај ЕМА да донесе одлука за препорака за одобрување, вакцината на АстраЗенека/Оксфорд ќе биде трета вакцина, чија употреба е дозволена во ЕУ.
ЕМА претходно ги одобри вакцините против коронавирусот што ги развија „Фајзер“ и „БајоНТек“ и американската фармацевтска компанија „Модерна“.
Вакцината на АстраЗенека/Оксфорд против Ковид-19 е одобрена на 30 декември за итна употреба во Велика Британија, а имунизацијата со оваа вакцина започна на 4 јануари.
Од ЕУ претходно е соопштено дека врз основа на потпишаните договори ќе бидат набавени 400 милиони дози вакцина од компанијата „АстраЗенека“, 300 милиони од компанијата „Санофи-ГСК“, 400 милиони од компанијата „Џонсон и Џонсон“, 600 милиони од компаниите „Фајзер“ и „БајоНТек“, 405 милиони од компанијата „КјурВак“ и 160 милиони дози од компанијата „Модерна“.