Haydar Toprakçı
11 Ноември 2021•Ажурирај: 12 Ноември 2021
ИЗМИР (АА)
- Хајдар ТОПРАКЧИ
Мумин Ајдин, таксист од Измир, се грижи за околу 20 мачки со парите што неговите клиенти како бакшиш ги оставаат во кутијата за храна.
Ајдин веќе 25 години е таксист на постојката пред пристаништето Учкујулар. Тој е оженет и има 3 деца, а во околината е познат по својата љубов кон животните.
Тој со години се грижи за гладните и повредени мачки што ќе ги најде на улица. Во исто време, се грижи за околните мачки во куќичките што ги поставил на различни точки во близина на такси-постојката.
Ваквиот напор на Ајдин, кој во своето такси ставил „кутија за храна“ за бакшишот од своите клиенти за да се грижи за поголем број мачки, наидува на поддршка од клиентите. Некои од клиентите, кои оставаат пари во кутијата за храна за мачки, редовно ја посетуваат станицата и ја даваат својата поддршка за храната на мачките.
Таксистот Ајдин, кој храни околу 20 мачки на различни локации, за дописникот на АА изјави дека забележал дека бездомните животни биле запоставени бидејќи во областа каде што се наоѓа такси-постојката, нема населба, па многу гладни животни доаѓале кај нив.
Ајдин истакна дека со текот на времето почнале да се зголемуваат активностите околу исхрана на мачките од соседството, бидејќи на такси-постојката ги носел гладните мачки што ќе ги забележал за време на својата работа.
„Тие сакаат само сад со храна и малку вода. Потребно е да им го обезбедиме тоа бидејќи самите не можат да ни го кажат. Мораме на некој начин да им помогнеме. Вака мислам и го правам тоа од сѐ срце“, рече Ајдин.

Изјавувајќи дека за одржување на трошоците за околу 20 мачки за кои се грижи во своето такси, ставил „кутија за храна“ и бара од клиентите кои не бараат кусур, да ги остават тие пари во кутијата за храна, Ајдин продолжи со зборовите:
„На клиентите кои не сакаат да го земат кусурот, им велам ‘со овие пари нашите мачки ќе се нахранат од вас’, им ја подавам кутијата за храна, а тие го фрлаат бакшишот. Во текот на денот се акумулираат од 10 до 15 лири. Тие пари целосно ги трошам да ги хранам мачките. Кога не е доволно, надополнуваме заедно со моите колеги.
Понекогаш имаме муштерии кои сакаат да дадат повеќе пари, но јас не очекувам пари од никого. Ако луѓето сакаат да го сторат тоа, на муштериите им велам да закачат половина килограм храна на маслиновото дрво што се наоѓа во близина на нашата постојка. Таа вечер храната ја делам во нивно име. Би сакал да им се заблагодарам на нашите чувствителни луѓе и на моите колеги таксисти што се обидуваат да ми помогнат. Таму каде што нема никој друг, јас сум татко на тие мачки. Човек не ги напушта своите деца, тие се наши деца.“
- Чакир, кој дојде од спротивниот брег, стана наша маскота
Изјавувајќи дека некои од мачките за кои се грижел, им ги дал на луѓето кај кои почувствувал дека ги сакаат животните, Ајдин истакна дека никогаш не помислил да го даде мачорот Чакир, маскотата на такси-постојката.
Зборувајќи за Чакир, Ајдин го рече следното:
„Чакир, додека беше стар околу месец-месец и пол, скриен во браникот на едно возило со траект од Бостанли пристигна во Учкујулар. Забележав кога падна од браникот. Веднаш го запрев сообраќајот и ја зедов мачката. Откако се созеде, му изградивме дом во близина на такси-постојката и оттаму не оди никаде на друго место. Чакир е нашата постојана мачка. Други мачки талкаат, но тој е секогаш тука. Тој е маскотата на нашата станица. И мене многу ме сака. Постои една поинаква комуникација меѓу нас.“