живот

Сиромаштијата, попреченоста и срамот ги депримираат Етиопјаните болни од лепра

„Оние кои задоцнија со лекувањето претрпеа оштетување и уништување на коските кои резултираа со ампутација и пролонгирана хоспитализација“, изјави Лета, додавајќи дека Етиопија се обидува да им помогне на луѓето со доживотни последици од лепрата.

Seleshi Tessema Mulata  | 02.02.2019 - Обновена : 03.02.2019
Сиромаштијата, попреченоста и срамот ги депримираат Етиопјаните болни од лепра

Ethiopia

АДИС АБАБА (АА) - Повозрасен маж, на свои 70 години, играше карти со неговите пријатели во тивка просторија во која се наоѓаа десетици млади и стари лица во пижами. И покрај болеста, Мултета Даба научи да игра карти со неговите оштетени прсти на двете раце.

Покажувајќи ги неговите ампутирани нозе, Даба изјави: „Ја изгубив долгогодишната битка со лепрата, но животот продолжува.“

Даба е еден од хоспитализираните лица болни од лепра во Центарот за обука за лепра, туберкулоза и рехабилитација во Африка (ALERT), лоциран во јужниот дел на етиопискиот главен град Адис Абаба. Отворен е во 1932 година.

- Непријател на сиромашните -

Лепрата е инфективна болест, која може да се спречи. Шефот на Одделот за спречување на лепра и туберкулоза на Министерството за здравство на Етиопија, Таје Лета за Anadolu Agency (AA) изјави дека луѓето кои не успеале да се лекуваат во раната фаза на болеста, претрпеле трајно оштетување на нивната кожа и очи.

„Оние кои задоцнија со лекувањето претрпеа оштетување и уништување на коските кои резултираа со ампутација и пролонгирана хоспитализација“, изјави тој, додавајќи дека Етиопија се обидува да им помогне на луѓето со доживотни последици од лепрата од 1956 година.

„Како последица на заедничките напори во текот на изминатите шест децении, новите случаи со лепра се намалија од 80.000 во 1985 година на 3.000 во 2016 година“, додаде Лета.

„Ние обезбедуваме бесплатни лекувања и услуги на рехабилитација во 5 болници и во повеќе од 2.000 здравствени центри низ Етиопија“, изјави тој.

Сепак, тој изјави дека луѓето во околу 211 планински подрачја во различни делови од Етиопија се сѐ уште ранливи на лепра, и дека Етиопија треба уште да го подобри квалитетот на услугите и способностите на здравствените институции за рана дијагноза и елиминирање на болеста.

„Многу развиени нации ја елиминираа болеста, но ние сѐ уште живееме со најстариот непријател на сиромашните“, нагласи Лета.

Според Светската банка, Етиопија, која е втора најнаселена нација во Африка по Нигерија со 102 милиона жители е „една од најбрзорастечките економии во регионот“.

Сепак, банката проценува дека 24 отсто од популацијата живее под националната граница на сиромаштија во 2016 година.

- Најстаро светилиште -

Во едно сончево утро, нови и амбулантски лекувани болни од сите возрасти ја преплавија болницата ALERT. Некои беа во инвалидски колички, други користеа дрвени бастуни, а некои од нив беа со преврзани раце и нозе. Сите беа видно нервозни и срамежливи.

Мелес Јирга, советничка во болницата, за АА изјави дека лепрата значително ја уништува самодовербата на пациентите и често предизвикува анксиозност и депресија.

„Пациентите знаат дека ќе бидат презирани и оттуѓени од општеството и од нивните семејства“, изјави таа, додавајќи дека оние кои трајно се попречени како последица на болеста, често тешко се реинтегрираат со нивните заедници и семејства.

„Поради срамот со кој се носат, новите пациенти се неподготвени да бараат медицински третман во раната фаза на болеста. Ова го направи искоренувањето на лепрата тешка задача“, рече Јирга.

„Покрај медицинскиот третман, болницата обезбедува финансиска помош, вештини и заштитни обувки за рехабилитација на лицата заболени од лепра“, истакна таа.

Физиотерапевтот во болницата, Бека Воркинхе, за АА изјави дека илјадници лекувани и рехабилитирани пациенти успеале да живеат како членови на нивните заедници, и покрај белегот на срамот кој го носат.

Но постојат неколку лица со лепра кои никогаш нема да се вратат на своите семејства. Тие се напуштени од нив.

„Дојдов во ALERT пред 40 години“, изјави 72-годишната Аменуш Ајеле со потиснат глас. „Мојот маж и роднини се срамеа од мојата здравствена состојба и одбија да ме посетуваат.“

„Ме оставија тука, го оставив ова предавство за судниот ден“, изјави таа гневно.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.