живот

Редок примерок на ластовица албино

„Ластовиците дневно во просек јадат 1.500 инсекти, муви и комарци. Тоа е битие кое навистина ви служи вам...“

Ferdi Uzun  | 18.06.2019 - Обновена : 19.06.2019
Редок примерок на ластовица албино

АЈДИН (АА) - ФЕРДИ УЗУН -

Гнездото изградено на зградата на полицијата во турскиот град Ајдин го привлекува вниманието благодарение на примерокот на бела ластовица, пишува Anadolu Agency (AA)

На влезот на полицијата во Ајдин, ластовица изградила гнездо, а вниманието на луѓето го привлече деталот дека меѓу малите ластовици, една е бела по боја. Малите ластовици кои сѐ уште не летаат и кои ги храни мајката ластовица, се фокус на интересот, бидејќи една од нив е бела. Жителите на Ајдин, кои претходно немаат видено албино ластовица, со своите мобилни телефони ги фотографираат птиците.

Доц. д-р Отрач Онмуш, член на Катедрата за природни науки при Универзитетот „Еге“, за АА изјави дека белата птица претставува „албино“ од видот домашна ластовица.

Д-р Онмуш истака дека меѓу ластовиците постојат пет вида - домашна, ливадска, црвена, песочна и карпеста, истакнувајќи дека оваа албино ластовица произлегла како последица на генетски проблеми - недостиг на пигментот меланин. Онмуш информираше дека птиците албино живеат пократко од останатите.

Тој рече дека не сретнал податоци за примерок на ластовица албино во Турција, или каков било проект посветен на ваквите ластовици. „Многу ретко можат да се сретнат примероци на албино кај домашните ластовици. Станува збор за несекојдневен, редок и доста интересен случај. Колку што можев да се информирам, станува збор за прв ваков случај во Турција. И колку што знам, во моментов ниту во Европа нема сличен примерок“, изјави д-р Онмуш.

Тој вели дека ластовиците имаат значајно место во животот на луѓето.

„Ластовиците дневно во просек јадат 1.500 инсекти, муви и комарци. Доколку во вашиот дом има гнездо од ластовица и во него просечно живеат пет мали ластовици, станува збор за сериозна бројка. Тоа е битие кое навистина ви служи вам. Луѓето, за да се ослободат од инсектите, користат најразлични лекови и спрејови. Затоа, во својот дом да се има гнездо на ластовици, значи да се има среќа. Тоа треба да се знае и затоа треба да обезбедиме услови ластовиците да градат гнезда во нашите домови или во нивна близина.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.