Lokman İlhan
24 Март 2017•Ажурирај: 26 Март 2017
КИТО (АА) - Мејбилајн Тораја Бораеи Алварез е првата жена муслиманка, воен пилот во воздушните сили на една латиноамериканска земја, а нејзината цел е да стане министерка за одбрана на Еквадор, јавува Anadolu Agency (AA).
Во разговор за АА, Алварез изјави дека како ќерка на имигрант од Египет била еден од најдобрите студенти на воената академија и дека сега е задоволна со третманот во војската на Еквадор.
„Сите мои пријатели знаат дека сум муслиманка и го почитуваат мојот избор. Дури и некои мои пријатели и колеги почнаа да се интересираат за исламот откако ме запознаа“, изјави 25-годишната Алварез.
Во воздушните сили на Еквадор е примена во 2008 година. Алварез изјави дека со истрајноста и трпеливоста надминала многу проблеми со кои се соочувала на почетокот од воената кариера.
„На почетокот, ни командата не се снаоѓаше најдобро. Не јадев храна со свинско месо и во првите месеци изгубив десет килограми. Тоа им го привлече вниманието и оттогаш добивам посебна храна. Дополнително, командата ми ги прераспореди и работните обврски за да можам да ги извршувам своите верски должности“, изјави Алварез.
Таа вели дека моментално е задоволна со статусот во воздушните сили на Еквадор, но дека со посветен труд и дисциплина сака да оствари и други свои цели, меѓу кои главната цел е да стане министерка за одбрана на таа земја.
„Јас сум првата жена муслиманка во воздушните сили на Еквадор, но и во цела Латинска Америка. Популистите, некои медиуми и радикални групи работат на создавањето на лош имиџ за исламот и за муслиманите, но ние со својот пример мораме на светот да му го покажеме вистинското лице на нашата вера“, изјави Алварез.