Özgür Alantor
25 Март 2017•Ажурирај: 26 Март 2017
ЧАНКИРИ (AA) - Неџати Челик (80) од централниот турски град Чанкири би бил сосема обичен старец, да нема мустаќи долги 2,6 метри, кои не ги бричел полни 47 години.
Челик во разговор за Anadolu Agency (AA) рече дека мустаќите последен пат ги обричил 1970 година. Рече дека пред седум години, кога мустаќите биле долги околу 2,5 метри, решил од нив да направи плетенки.
Челик во 1970. година отишол да работи во Германија, а тогаш, како што раскажува, во тренд било пуштање коса. Нему тоа не му се допаѓало, па како свој одговор на таков тренд, одлучил да возврати со пуштање мустаќи.
По 16 години поминати во Германија Челик се вратил во родниот град Чанкири, каде отворил ресторан. Истакнува дека ниту по враќањето не ги бричел мустаќите.
„Кога во Германија решив да ги пуштам мустаќите, имаше многумина кои тоа го осудуваа. Коментарите беа во смисла 'Во мода е пуштање коса, зошто ти пушташ мустаќи' и слично. Јас од некој инает сепак остнав решителен во мојата одлука", рече Челик.
Додаде дека 1986. година учествувал на натпревар за најдолги мустаќи, организиран во Германија, на кој учествувале натпреварувачи од сите делови на светот.
„Победив на тој натпревар. Потоа многу кратко останав во Германија, одлучив да се вратам во Турција", истакна Челик.
Откако отишол во пензија Челик со сопругата живее во село Сивирчек, а на влезот во неговиот дом пишува: „Тука живее Неџати, светскиот шампион по должина на мустаќи".
„Многумина слушнаа за моите мустаќи и ме посетија. Мустаќите станаа предолги па во 2010. година решив да направам плетенки. Кога се пуштени ја допираат земјата. Не сакав за нешто да ги закачам и да ги оштетам мустаќите, па исплетов плетенки. Додека одам, ги носам околу вратот", рече Челик.
Тој тврди дека неговите мустаќи се најдолги на светот.
„Мислам дека моите мустаќи се најдолги на светот, ако има некој подолги го предизвикувам, нека дојде. Затоа што мислам дека 47 години не се малку", рече Челик.
Додаде дека понекогаш има проблеми кога ќе дојде во некој поголем град.
„Тогаш не ме оставаат на мира. Сите сакаат да се фотографираме, а тоа посебно го прават младите. Ми приоѓаат со телефоните и сакаат да се фотографираат. Секако дека не ги одбивам", раскажаа Челик.