Deniz Açık
04 Јануари 2020•Ажурирај: 06 Јануари 2020
ЕСКИШЕХИР
- Дениз АЏИК
Во турскиот град Ескишехир се наоѓа дивовски аквариум во кој живеат различни видови риби, вклучувајќи и ајкули и раи, кои нуркачите ги хранат со сопствени раце, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во аквариумот што е отворен во 2014 година се наоѓаат повеќе од 100 видови риби кои се донесени од Атлантскиот Океан, од Црвеното Море, јужноафриканските езера и реката Амазон.
Аквариумот со длабочина од 3,5 метри и волумен од околу еден милион литри вода, само минатата година го посетија околу 800.000 луѓе.

Занимливо е тоа што во овој аквариум двајца нуркачи, Мехмет Али Учар и Озѓур Алтинишик, со сопствени раце ги хранат рибите, и кои како што велат самите, уживаат во оваа работа бидејќи со својата појава особено ги радуваат најмалите.
Уџар, кој веќе 2,5 години работи во аквариумот, за АА изјави дека освен што ги хранат рибите, во исто време и го чистат аквариумот.
„Со раце ги храниме ајкулите во главниот резервоар. Ги храниме четири пати во неделата. За мене ова е на некој начин и голема чест да нуркам меѓу ајкули во град кој нема море. Навистина уживам во оваа работа и среќен сум“, изјави Учар.

Тој истакна дека особено е среќен додека нурка и ги храни рибите.
„Секој нема можност да нурка така блиску до рибите како што се ајкули, раи и многу други видови морски риби. Нуркаме близу до нив, внимавајќи да не ги повредиме. Целиот процес на хранење трае од 20 до 25 минути“, раскажа Учар.
Неговиот колега Алтинишик истакна дека и порано нуркал, но никогаш толку блиску до рибите како сега додека е во аквариумот, додавајќи дека практично со раце им носат храна до самата уста на рибите.
„Ги храниме како мали бебиња. Некако со нив веќе воспоставивме посебна релација. Се навикнаа на нас. Драго ми е што и посетителите уживаат додека нè гледаат како нуркаме меѓу рибите“, рече нуркачот Алтинишик, додавајќи дека особено е среќен кога ќе ги види децата како уживаат гледајќи го шареноликиот морски свет во аквариумот.