живот

Кјото, град каде што традицијата опстојува повеќе од 1.200 години

- Многу аспекти на јапонската култура потекнуваат токму од овој древен град и сè уште се длабоко вкоренети во секојдневниот живот на неговите жители.

Aida Cako  | 28.12.2025 - Обновена : 30.12.2025
Кјото, град каде што традицијата опстојува повеќе од 1.200 години

КЈОТО

Опкружен со богата природна убавина, Кјото е град со уникатна и слоевита културна ризница, обликувана и усовршувана повеќе од 1.200 години. Многу аспекти на јапонската култура потекнуваат токму од овој древен град и сè уште се длабоко вкоренети во секојдневниот живот на неговите жители, јавува Анадолу.

Традицијата во Кјото продолжува да живее преку „мачија“ – традиционалните дрвени градски куќи во кои и денес се води модерен живот, преку годишни настани карактеристични само за градот, како познатиот фестивал „Гион Мацури“.

Посебен белег на градот се и многубројните статуи Џизо – изработени од глина, бронза или камен – кои го претставуваат заштитникот на децата и патниците и може да се сретнат низ цело Кјото.

Културното наследство на градот му дава боја на секојдневието и преку јапонската кујна, позната по тоа што е здрава и има нутритивна вредност, преку културата на чајот, како и преку цветните аранжмани внимателно поставени во отворени простори. Доживувањето на оваа разновидна култура одблиску им овозможува на посетителите подлабоко разбирање на историјата и духот на Кјото.

Во централниот дел на Кјото има голем број историски објекти и автентични стари градски пејзажи, додека надвор од центарот се кријат помалку познати, но подеднакво впечатливи локации. Во северниот дел областите Кеихоку и Мијама нудат пејзажи со недопрена природа и традиционален јапонски селски амбиент.

Во северниот регион, во близина на Јапонското Море, посетителите можат да уживаат во песочниот насип Аманохашидате и во уникатните куќи за чамци во Ине.

Јужниот дел на Кјото е познат по традиционалното саке од Фушими – еден од трите главни региони за производство на саке во Јапонија – како и по јапонскиот чај од Уџи.

Западно од градот, регионот Нишијама нуди бамбусови шуми, рурални пејзажи и храмови и светилишта со длабока историска вредност.

Поради зголемената популарност Кјото во одредени периоди и сезони се соочува со преголем број туристи во некои делови од градот, што го отежнува секојдневниот живот на жителите и може негативно да влијае врз природната средина.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın