Aliia Raimbekova
14 Јануари 2018•Ажурирај: 15 Јануари 2018
АСТАНА (АА) - Алиа Раимбекова -
Жителите на Астана не се откажуваат од пливањето во реката Ишим, од скијањето, ниту пак од другите спортски активности на отворено, дури и ако температурата на воздухот изнесува и минус 40 степени.
Зимите во Казахстан траат шест месеци, поради што жителите на Астана се навикнати на екстремно ниските температури на воздухот и не дозволуваат тие да бидат пречка во вршењето на секојдневните активности.
Екипата на Anadolu Agency (AA) забележа рибари, капачи и скијачи кои одлучиле да го поминат викендот дружејќи се со спортот.
Поединци уживаа во трчањето и скијањето, додека други одлучија за потопла верзија и возење велосипед во спортските сали.

Улдана Романова изјави дека и покрај студеното време, за викенд својот внук го носи покрај реката за да го поминат времето заедно и да си играат.
„Иако времето е ладно, од рано изутрина се санкаме заедно со мојот сопруг и мојот петгодишен внук. Постојано сме во движење и не ни е ладно“, додаде таа.
Романова истакна дека 15 години живее во Астана и дека е сведок на температури и до минус 40 степени.
„Луѓето не се заклучуваат во куќите затоа што е надвор е студено. Тие се занимаваат со спорт и учествуваат во општествените активности“, рече Романова.

На риболов тргна и Сергеј Сидоров, кој за да дојде до рибите мора да исече мраз дебел и до еден метар.
„Риболовот е една од работите што ја сакам најмногу. Доаѓам и покрај студеното време. Во природа сум и одмарам, тоа ми пружа големо задоволство“, рече Сидоров.
Алмас Сејтербајев веќе две години влегува во реката опкружена со мраз.
Тој додаде дека капењето в зима е здрав начин на живот.

„Полесно е да се влезе во вода кога е студено. Кога надвор е минус 30 степени, температурата на водата изнесува 2 до 3 степена“, рече тој.
Сејтербајев смета дека студената вода е добра за метаболизмот и порача дека треба да се капат како деца од двегодишна возраст така и стари од 70-годишна возраст.