живот

Истражување: Белата коса може да биде поврзана со природен механизам на телото за заштита од карцином

– Белата коса можеби не е само знак на стареење, туку може да претставува природен одбранбен механизам на телото против карцином, покажува ново истражување на Универзитетот во Токио

Melike Pala  | 28.10.2025 - Обновена : 28.10.2025
Истражување: Белата коса може да биде поврзана со природен механизам на телото за заштита од карцином

БРИСЕЛ (AA) – Белата коса можеби не е само знак на стареење, туку може да претставува природен одбранбен механизам на телото против карцином, покажува ново истражување на Универзитетот во Токио, јавува Анадолу.

Истражувањето, објавено во списанието „Нејчр Сел Бајолоџи“, открива дека побелувањето на косата настанува како резултат на оштетени матични клетки во фоликулите на косата, кои се самоуништуваат за да спречат развој на меланом – вид карцином на кожата.

Тимот истражувачи, предводен од Еми Нишимура и Јасуаки Мохри, ги анализирал матичните клетки одговорни за создавање меланоцити – клетките што ги даваат пигментот и бојата на косата и кожата.

Истражувачите откриле дека кога овие матични клетки ќе претрпат сериозно оштетување на ДНК, тие престануваат да се обновуваат и се самоуништуваат, спречувајќи ги оштетените клетки да се делат и да развијат потенцијално канцерогени мутации. Овој процес резултира со појава на бела коса.

Процесот е поттикнат од активирање на клучни сигнални молекули што ја иницираат самодеструкцијата на клетките.

Сепак, под влијание на одредени канцерогени фактори, како што е ултравиолетовото Б-зрачење, овие клетки може да продолжат да се делат и размножуваат.

Научниците истакнуваат дека белата коса не претставува директна заштита од карцином, но истражувањето дава нови сознанија за тоа како телото ја одржува рамнотежата помеѓу уништувањето на оштетените клетки и нивниот неконтролиран раст.

„Овие откритија покажуваат дека иста популација на матични клетки може да следи спротивни патишта – исцрпување или размножување – во зависност од видот стрес и сигналите од околината“, изјави Нишимура.

„Ова го редефинира побелувањето на косата и меланомот не како неповрзани појави, туку како различни исходи на реакцијата на матичните клетки на стрес.“



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.