Ekip
03 Јануари 2019•Ажурирај: 03 Јануари 2019
ЧАНДИГАР (АА) - Во сојузната индиска држава Бихар маж беше претепан до смрт од банда, поради сомнеж за кражба на крави, пренесува Anadolu Agency (AA).
Полициски извори јавуваат дека жртвата, која е идентификувана како 55-годишниот Мухамед Кабул, била нападната од банда со стапови и прачки.
„Инцидентот се случи во ноќта 29 кон 30 декември во подрачјето Арариа. Едно лице беше убиено од страна на банда поради сомнеж дека крадело стока и крави во селото“, изјави високиот полициски офицер во подрачјето, К. Д. Синг.
Тој изјави дека е покрената истрага и дека се преземени чекори за апсење на осомничените кои биле дел од бандата.
Во полицискиот извештај се вели дека локалните медиуми во Индија пренеле оти постои видеоснимка од целиот инцидент, во која жртвата моли да го поштедат.
„Бандата безмилосно го удира во лицето, го удира со стапови и во хор го нарекува крадец. Изненадувачки е тоа што видеото кое кружи на социјалните медиуми е поставено од напаѓачите преку нивните мобилни уреди“, се вели во извештајот.
Кравата се смета за свето животно во хиндуизмот и откако индискиот премиер Нарендра Моди стапи на функција во 2014 година, постојат голем број напади на муслиманските сопственици на крави, говеда, од страна на хиндуси, со неколку самопрогласени групи за заштита на крави што се појавуваат во земјата.