Hikmet Faruk Başer
17 Октомври 2021•Ажурирај: 19 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) – ХИКМЕТ ФАРУК БАШЕР -
На истанбулскиот плоштад „Таксим“, кон крајот на мај оваа година свечено е отворена новоизградената џамија, наречена токму по овој плоштад и симбол на градот Истанбул. Колку што џамијата „Таксим“ е убава и необична градба, така е необичен и имамот на оваа џамија, Абдула Озкан. Освен што е имам и хафиз, Озкан е и голем вљубеник во моторите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Триесет и двегодишниот имам порано ја извршувал должноста во истанбулската џамија „Безмиалем Валиде султан“, позната како џамија „Долмабахче“, а пред еден месец е именуван за имам на џамијата „Таксим“.

Живее во истанбулскиот кварт „Касимпаша“, на улицата „Бејоглу“, а секој ден пет пати дневно, за да изврши намаз, со мотор патува до џамијата „Таксим“.
Озкан Ефенди е хафиз на Куранот (целиот Куран го знае напамет), а освен тоа ја има титулата „кура хафиз“, што е најголем степен на знаење во областа хафиз. Кура хафиз е оној хафиз кој го познава рецитирањето на Куранот на сите 10 киреати, што претставуваат различни јазични (лексички, фонетски, морфолошки и синтаксички) форми во текот на рецитирањето на Куранот.
Во разговор со новинарот на АА, Озкан зборува за својата љубов кон имамскиот повик, но и за љубовта кон моторите и за тоа како заедницата реагира на фактот дека оџата е моторџија.
На самиот почеток на разговорот, Озкан истакнува дека е многу среќен и горд затоа што е имам во една таква симболична џамија.
„Бев изненаден кога дознав дека сум именуван за имам на оваа џамија, не го очекував тоа. Да се биде прв имам на џамијата „Таксим“ за мене е гордост. Џамијата „Таксим“ беше џамија од моите соништа“, открива Озкан.
Зборувајќи за џамијата „Таксим“ која претставува необичен комплекс, Озкан истакнува дека има за цел да реализира различни проекти и да направи џамијата да стане центар на турско-исламската уметност.
- Го привлекува вниманието на младите -
Кога станува збор за неговата љубов кон моторите, тој објаснува дека се родила пред 13 години, благодарение на неговиот татко. Најпрво возел мали мотори, а подоцна завршил и посебна обука за напредно возење мотор.

„Во секоја џамија во која порано сум работел, патував со мотор. Така и сега кога сум имам на џамијата Таксим“, кажа Озкан, и продолжи:
„Кога ќе дојдам до џамијата заедницата тешко ме препознава, не веруваат дека дошол имамот. Дури кога ќе ја симнам кацигата, слушам како дошепнуваат „Да, тоа е нашиот оџа“. Тоа што возам мотор посебно го привлекува вниманието на младите и можам да кажам дека на одреден начин ги поттикнува младите да доаѓаат во џамија. Моторот беше причина да се сретнеме со младите на многу настани“, зборува истанбулскиот имам.
- Учење хатма на мотор -
Она што е исто така специфично за Озкан е тоа што секоја година по повод 15 јуни, годишнината од обидот за пуч, што во Турција се обиде да го изведе терористичката организација ФЕТО, организира неделна мототурнеја во чии рамки ја обиколува цела Турција.
„Дури возам мотор напамет го рецитирам Куранот и ја завршувам хатмата (рецитирање на целиот Куран) и се поклонувам пред душите на нашите шехиди. Во сите градови ги посетувам гробовите на нашите шехиди. Исто така зборувам со луѓето, некои тешко веруваат дека сум имам дури не им ја покажам легитимацијата. Тогаш се уверуваат дека и имамите користат мотори. Тоа се симпатични разговори“, раскажува имамот Абдулах Озкан.