свет, живот

До 2025 година, околу 3,5 милијарди луѓе ќе се соочат со недостаток на питка вода

- Лекарите без граници (MSF), отворајќи повеќе од 230 бунари во Чад, Нигер, Кенија, Сомалија, Авганистан и Демократска Република Конго, овозможија пристап до питка вода за околу 140.000 луѓе

Ali Ebubekir Tokcan  | 22.03.2019 - Обновена : 25.03.2019
До 2025 година, околу 3,5 милијарди луѓе ќе се соочат со недостаток на питка вода

ИСТАНБУЛ

Повеќе од 2 милијарди луѓе на светот немаат пристап до питка вода, а се очекува дека до крајот на 2025 година, со недостаток на питка вода ќе се соочат околу 3,5 милијарди луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).

Лекарите без граници (MSF), отворајќи повеќе од 230 бунари во Чад, Нигер, Кенија, Сомалија, Авганистан и Демократска Република Конго, овозможија пристап до питка вода за околу 140.000 луѓе.

Од Лекарите без граници потсетија дека по Конференцијата за околина и развој на Обединетите нации во Рио де Жанеиро во 1992 година, Генералното собрание на ОН одлучи 22 Март да се одбележува како Светски ден на водата и на тој ден, низ целиот свет, особено внимание да им се обраќа на проблемите поврзани со водата и водните ресурси.

Лекарите без граници сметаат дека и денес во светот постојат луѓе кои немаат пристап до питка вода, која е неопходна за живот.

Според податоците на Светската здравствена организација (WHO), околу 2,1 милијарда луѓе немаат пристап до питка вода, а 3 од 10 луѓе користат нечиста вода. WHO потсети и дека 263 милиони луѓе секојдневно пешачат и по половина час за да дојдат до питка вода.

Лекарите без граници предупредуваат дека се очекува до 2025 година, околу 3,5 милијарди луѓе да се соочат со недостаток на вода.

Според истите податоци, секои 90 секунди во светот умира едно дете поради недостаток на питка вода.

Јахја Танрикулу, координатор на проектите на Лекарите без граници, зборуваше за потешкотиите со кои се соочуваат луѓето во различни делови од светот за да имаат пристап до питка вода.

„Минатата година бевме во местото Танга во Танзанија. Бевме сведоци каде што луѓето на крововите од куќите поставуваа контејнери во кои собираа дождовница. Ги запрашав зошто го прават тоа. Ми одговорија дека ја пијат таа вода, а ја користат и за подготовка на храна“, појасни Танрикулу.

Тој рече дека со слична ситуација се соочиле и во Авганистан.

„Таму има деца кои пешачат со километри за да дојдат до питка вода. На тој пат понекогаш ги губат и своите животи. Недостатокот на вода за пиење доведува и до епидемии на различни болести од кои умираат“, додаде Танрикулу.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.