Tuğçenur Yılmaz
13 Октомври 2018•Ажурирај: 15 Октомври 2018
ДАКА (AA) - Тугџенур Јилмаз
Во Дака, главниот град на Бангладеш и еден од најмногубројните градови во светот, улиците се преполни со рикши (вид на превозно средство кое се придвижува со човечка сила), јавува Anadolu Agency (AA).
Со нив се превезуваат и луѓе и различни видови стока. Од 167 милиони жители во земјата, дури 20 милиони живеат во Дака. Во градот е видлива сиромаштијата и лошата инфраструктура. Поради големиот број жители се наоѓа на листата на најбројните градови со жители во светот, но и еден од најпрометните.
Како резултат на тоа, Дака е еден од најгусто населените градови на светот. Нормално е, доколку си во сообраќај, од едно место да не можеш да се поместиш и по еден час поминато време. Меѓутоа, тоа е вообичаено за локалното население кое секојдневно се соочува со метежот во собраќајот.
Поради тоа во Дака, за превоз, покрај приватните автомобили, се користат и автобуси, и различни мотоцикли, и се разбира, рикши. Рикшите и денеска се популарно превозно средство во Дака. Всушност, Дака е наречена и светска престолнина на рикшите, односно рикшата се смета за еден од симболите на бангладешката престолнина.
Рикшите, сметаат многумина, поради можноста за поминување низ густиот сообраќај, „спасуваат животи“. Секојдневно во сообраќајот се наоѓаат повеќе од 600.000 рикши.
Возачите на ова превозно средство, и покрај високите температури и влагата во воздухот, настојуваат во што пократок временски период да го превезат патникот до посакуваната дестинација.
Украсени се со различни мотиви и бои. Најпопуларен е мотивот на Бенгалскиот тигар. Иста е ситуацијата и со локалните автобуси. Во различни бои и мотиви се разликуваат од превозните средства во други делови на светот. Ги користат милиони луѓе.
Интересно е тоа што автобусите се возат со отворени врати и тоа што патниците во нив можат да консумираат цигари. Големиот метеж и проблемите во сообраќајот во овој град главно се предизвикани од недостиг или неисправност на семафорите. Во некои делови во градот воопшто нема семафори, а во некои не се во функција.
И во голем број градови од Западна Европа денеска e „такси-велосипедот“ атракција за домашните и странските туристи. Во голем број земји на Јужна и Југоисточна Азија сѐ уште се користи како редовно превозно средство.