Ivana Ramadanova
06 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Од утре јавниот превоз во Скопје ќе биде бесплатен за сите, соопшти градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, додавајќи дека оваа мерка е начин да се реагира на екстремно високото аерозагадување кое последниве денови го зафати главниот град, јавува Anadolu Agency (AA).
Трајановски ги повика граѓаните, како и вработените на Град Скопје, да не ги употребуваат автомобилите за секојдневните активности, најавувајќи дека и тој, од утре, на работа ќе оди со автобус.
Градот Скопје и јавните градски претпријатија ги ослобудуваат од работа бремените жени и лицата над 60-годишна возраст со хронични заболувања, соопшти Трајановски. Привремената мерка за беспатен јавен превоз, која ќе биде на сила до нормализирањето на високото аерозагадување, е една од неколкуте кои ги најави градоначалникот.
Тој испрати и неколку барања до надлежните министерства да предложат законски измени, бидејќи, како што кажа, според сегашните прописи на градот не е можно воведување на „пар-непар“ режим на сообраќај.
Ги повика и надлежните институции на централно ниво да вршат засилени контроли над инсталациите под нивни ингеренции, додавајќи дека Комуналните инспектори на Град Скопје направиле преку 1.000 контроли и изрекле 12 казни на компании за непочитување на одлуката за комунален ред во Скопје.
За време на викендот сите станици за мерење на амбиенталниот воздух во Скопје регистрираа над десетпати поголеми количини на ПМ10 честички од максимално дозволените, додека во вечерните часови во саботата, рекордна загаденост беше измерена во Карпош (над 1.200 микрограми на метар кубен).