Cüneyt Karadağ
01 Октомври 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
БЕРЛИН (АА) - Посмртните останки на пензионер од германскиот град Зенден се пронајдени во неговиот дом осум години по смртта, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според пишувањето на „Билд“ (Bild), Хајнц Х. живеел на подрачјето на Зенден, во близина на германскиот град Минстер. Тој починал во својот дом во 2011 година и никој не го забележал тоа осум години.
Пред десет дена во седумкатницата избил пожар, а пожарникарите побарале евакуација на станарите. Откако никој не ја отворал вратата на станот на вториот кат, пожарникарите насилно влегле во станот.
Таму го пронашле скелетот на германскиот пензионер. Тие утврдиле дека од глад починал и неговиот пес. Со истрагата е утврдено дека Хајнц починал пред осум години.
Полицијата изврши истрага за тоа како никој не забележал досега дека човекот починал. Со истрагата е утврдено дека сметките биле автоматски плаќани, врз основа на договорот со банката.
„Претходно го гледав како го шета кучето надвор. Се загрижив кога повеќе не го гледав, но тоа никој не го интересираше. Мирисаше лошо кога поминував покрај неговата врата. Поштенското сандаче беше полно. Го повикав здравственото осигурување, но ми рекоа дека не можат ништо да кажат поради заштита на личните податоци. Го контактирав и сопственикот на зградата“, раскажа сосетката Ангелика Х.