АНКАРА (АА) - Членот на Управниот одбор на турското Здружение за медицина на спиење, проф. д-р Хикмет Јилмаз, истакна дека со започнувањето на наставата потребно е учениците да спијат редовно. „Со доцното заспивање и будењето во раните утрински часови се скратува времето за спиење. Тој недоволен сон има негативно влијание кај децата. Кај децата се намалува способноста за учење и се појавуваат проблеми“, рече Јилмаз.
Во изјавата дадена за АА, Јилмаз посочи дека од суштинско значење за децата е нивното редовно заспивање во вечерните часови, како предуслов за да не дојде до негативно влијание врз нивното учење и нивниот нормален здрав раст, бидејќи во вечерните часови секрецијата на хормонот за раст се зголемува.

Според Јилмаз, во голем број истражувања, изработени во последните 30 години, откриена е силна врска помеѓу менталните способности и недостатокот на сон. „Истражувањата покажуваат дека вештините за решавање на проблемите и нивното разбирање се намалуваат паралелно со зголемувањето на недостатокот на спиење. Исто така, забележано е дека при недостаток на сон паралелно е зголемено чувството на депресија и вознемиреност“, истакна проф. Јилмаз.
Јилмаз, исто така се осврна и на важноста на физичкиот развој на секрецијата на хормонот за раст кај децата, особено во текот на длабокиот сон. „Хормонот за раст интензивно се издвојува во текот на првата половина од ноќта, односно од 1:00 до 3:00 часот. Ако децата во пубертет не спијат до доцните часови и се будни кога се лачи хормонот, тогаш ќе бидат лишени од ефектот за развивање на хормонот и ќе растат исцрпени, расеани и неспособни за учење“, рече професорот.
- „Недоволниот сон го намалува успехот во училиште“
Нагласувајќи дека постои силна врска помеѓу здравото и доволно спиење и успехот во училиштето, Јилмаз укажа на фактот дека во времето на брзото движење на очите и во процесот на набљудување на сонот наречен како РЕМ фаза, теоретското знаење се повторува и се става во трајна меморија.
Јилмаз потсети дека за едно дете да биде успешно во училиште и да расте здраво, потребно е да се стави ред на терминот за спиење. „Доколку термините за спиење на ученикот се нарушени или неговото спиење е недоволно, таквата ситуација ќе го наруши процесот на средување на информациите за време на спиењето. Ученикот, тоа што го научил не ќе може да го стави во трајната меморија и ќе го заборави. Кога тоа му е потребно, на пример при полагање на испити, тој нема да може да ги користи тие информации и неговиот успех ќе опадне“, додаде проф. Јилмаз.
- „Основците треба да заспиваат во 22:00 часот“
Проф. Јилмаз подвлече дека потребниот период за спиење варира во зависност од возраста, и истакна:
„Возрасната група од 3 до 5 години која посетува градинка потребно е да спие 11-12 часа, учениците од основно училиште 10-11, средношколците 8-9, студентите, пак, 7-8 часа. Доколку периодот на спиење е пократок од наведените, тогаш се јавуваат негативни ефекти предизвикани од недоволниот сон. За да се избегне недоволниот сон, децата кои одат во градинка треба да легнат во 21:00 часот, оние кои одат во основно училиште, во 22:00 часот, тие во средно училиште, во 23:00 часот, и соодветно на тоа, да се разбудат наутро во 7:00 часот. Ако децата посетуваат настава попладне, за здрав ритам на спиење, најдобро би било да се разбудат најдоцна до 8.00-8.30 часот.“
- Да се посвети внимание на компјутерските игри
Проф. Јилмаз нагласи дека една од најважните причини за недоволен сон кај децата е играњето компјутерски игри до доцните ноќни часови. „Зрачењето и светлината кои се предизвикани во текот на игрите, покрај тоа што го лишуваат ученикот од сон, негативно влијаат врз академскиот успех и ја расипуваат неговата концентрација потребна за учење на лекциите“, рече Јилмаз.
Според професорот, рутинските активности пред планираните часови за спиење го олеснуваат заспивањето. „Некои навики, како што се туширање со млака вода, читање книга, четкање заби, подготвување на чантата според распоредот на часови за следниот ден и проверката на домашната задача, го олеснуваат заспивањето“, нагласи Јилмаз.
- „Децата на родителите кои дома доаѓаат доцна, исто така заспиваат подоцна“
Јилмаз рече дека родителите не треба да прават компромис во однос на навиките за спиење кај децата кои се во основно или средно образование.
Проф. Јилмаз истакна дека дисциплината треба да се постигне со убав, мирен и убедлив јазик. Тој предупреди дека во спротивно, негативниот притисок може да предизвика стрес кој може да отвори пат за проблеми во спиењето.
Јилмаз, исто така изјави дека децата од градинка и основно образование, чии родители дома доаѓаат во доцните часови, имаат проблеми со спиењето. Според професорот, најчеста причина за овој проблем е синдромот на лишеност, поради копнежот по мајката или таткото.