Nuran Erkul Kaya
07 Јуни 2018•Ажурирај: 08 Јуни 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Берат Албајрак, изјави дека Турција денес остварила уште еден сон, бидејќи турската дирекција „Eti Maden“ договорила соработка со кинеската компанија „Dalian Јinm“, која е една од водечките во секторот на производство и преработка на рудата бор, јавува Anadolu Agency (AA).
„Eti Maden и Dalian Jinm ќе потпишат протокол за соработка, а во Баликесир ќе подигнеме постројки за производство на борот карбид и по високи технолошки стандарди. Бор карбид е спој кој се добива со висока технологија, а кој е 2.000 пати повреден од суровината на борот, која ја вадиме од рудниците“, изјави Албајрак на промоцијата на новата стратегија за производство и преработка на бор во Турција.
Тој појасни дека 1 тон суров бор чини околу 200 долари на пазарот, а дека по преработката со новата технологија, неговата вредност се искачила и до 400.000 долари.
Истакнувајќи дека воведувањето на најсовремената технологија во секторот на производство и преработка на бор е историски чекор за Турција, Албајрак изјави дека актуелните турски власти веќе деценија и пол приоритетно работат на технолошкиот напредок во индустријата.
„Производството и преработката на бор е важна економска гранка со оглед на тоа што моментално светскиот пазар зазема десетици илјади тони од таа руда, а е во постојан раст“, изјави Албајрак, и додаде дека борот карбид ќе биде една од важните ставки кога е во прашање турскиот извозен асортиман.
Тој додаде дека високата технологија во оваа област е многу важна и за развојот на одбранбената индустрија со оглед на големата примена на борот и во оваа област.
Нагласувајќи дека Турција поседува 73 отсто од светските резерви на бор, Албајрак изјави дека турскиот „Eti Maden“ бил доминантен на светскиот пазар минатата година.
„Со продажбата на 2,2 милиони тони, „Eti Maden“ минатата година на глобалниот пазар на производство на бор имаше удел од 57 отсто. Одиме по патот на технологијата и сакаме да бидеме конкурентни со технолошки најнапредните земји на светот“, порача Албајрак.
По обраќањето на Албајрак во Истанбул, денес челниците на „Eti Maden“ и „Dalian Jinm“, Серкан Келешер и Ванг Јанхе, потпишаа Меморандум за трансфер на технологија, што претставува прв чекор на реализација на договорената соработка.
Борот е минерал кој се користи пред повеќе илјади години во разни области. Се претпоставува дека бораксот првпат го користеле жителите на Тибет, пред четири илјади години. Вавилонците го користеле за да ги претворат своите вредни предмети од цврста во течна состојба. Египќаните за мумификација, додека античките Грци и Римјани посипувале борна киселина на подот за да ги исчистат арените. Арапите користеле бор за правење лекови. Борот во Европа го донесе Марко Поло од Тибет.
Рудата бор денес претежно се користи во секторите за производство на стакло, стаклена волна, стаклени влакна, керамика, детергенти и во земјоделството, но и во многу други сектори како што се медицината, одбраната, горивото, воените возила, нанотехнологијата, автомобилската индустрија, енергетиката, металургијата и градежниот сектор.