Ayşenur Sağlam,Dilara Zengin
29 Март 2018•Ажурирај: 29 Март 2018
АНКАРА (АА) - Дилара Зенгин / Ајшенур Саглам
Турската економија минатата година забележа раст од 7,4 отсто, со што зад себе ги остави земјите членки на Г20, ЕУ и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Турција минатата година оствари раст кој е речиси три пати поголем од просекот во ЕУ, а во исто време зад себе ги остави и најбрзорастечките економии, Кина и Индија, застанувајќи на врвот од земјите на Г20.
Анализирајќи ги податоците од Турскиот завод за статистика (ТУИК) и ОЕЦД, новинарот на Anadolu Agency (AA) дојде до констатацијата дека минатата година, турската економија во првиот квартал забележала раст од 5,4 отсто, во вториот квартал 5,4, во третиот квартал 11,3 отсто и во последниот квартал 7,3 отсто. Севкупниот економски раст на Турција за 2017 година изнесува 7,4 отсто.
Турција, со економскиот раст во 2017 година, се најде на врвот од земјите на Г20, а е втора меѓу земјите членки на ОЕЦД и ЕУ.
- Направи разлика кај земјите од Европската Унија -
Во истиот период, економскиот раст на земјите од Еврозоната во просек изнесува 2,3 отсто, а тој просек кај земјите од ЕУ изнесува 2,4 отсто. Споредено со овие податоци, Турција минатата година забележа показател на раст на економијата, кој е многу над просекот на раст на земјите во овие подрачја.
Минатата година најголем економски раст во Европа имаше Ирска. Во 2017 година Ирска постигна економски раст од 7,8 отсто. Следуваат Турција со 7,4 и Романија со 7 осто. Во исто време, економијата на Холандија имаше раст од 3,1 отсто, Германија 2,2, Франција 1,8 и Британија 1,7 отсто.
Најслаб економски показател минатата година меѓу земјите од Европа покажаа Швајцарија со 1 отсто, Грција со 1,4 и Италија со 1,5 отсто.
- Турција лидер меѓу Г20 -
Благодарение на економскиот раст што го забележа минатата година, Турција се искачи на лидерската позиција меѓу земјите од Г20, кои опфаќаат 85 отсто од светската економија. За истиот период, просекот на економскиот раст меѓу земјите на Г20 изнесува 3,8 отсто, а едни од најголемите светски економии, Кина и Индија, имаа економски раст од 6,8 односно 6,4 отсто.
Во 2017 година САД, која е светски најсилна економија, имаше раст од 2,3 отсто.
Според податоците на ТУИК и ОЕЦД, листата на земји на Г20 според економскиот раст за 2017 година е следната:
| Земја | раст во 2017 (%) |
| Турција | 7,4 |
| Кина | 6,8 |
| Индија | 6,4 |
| Индонезија | 5,1 |
| Кореја* | 3,1 |
| Канада | 3 |
| Аргентина | 2,9 |
| Австралија | 2,3 |
| САД | 2,3 |
| Германија | 2,2 |
| Мексико | 2 |
| Франција | 1,8 |
| Јапонија | 1,7 |
| В. Британија | 1,7 |
| Италија | 1,5 |
| Јужна Африка | 1,3 |
| Бразил | 1 |
| ЕУ (28) | 2,4 |
| Еврозона (19) | 2,3 |
| Г20 | 3,8 |
| ОЕЦД | 2,5 |
*Привремен податок |
|