Gökhan Ergöçün
17 Декември 2021•Ажурирај: 20 Декември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турција е на прагот на извозна револуција, изјави денеска турскиот министер за трговија Мехмет Муш, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Но сите знаеме дека реализацијата на оваа револуција зависи од дизајнот и брендирањето, а не од количеството и цената“, рече Муш.
На свеченоста по повод отворањето на Неделата на дизајн во Турција 2021 година, Муш рече: „Дизајнот не е само визуелно прашање, тој е централен во процесот на откривање на потребите на клиентите, планирањето, прототипирањето и зголемувањето на производството.“
Дводневниот настан во Истанбул организиран од Советот на турски извозници (TIM) на едно место собра дизајнери, официјални претставници и бизнисмени за да разговараат за одржливиот и дигитален дизајн.
Министерот, исто така, порача дека дизајнот е основата во креирањето на идентитетот на брендот.
„Ние настојуваме да го зголемиме квалитетот и вредноста за цената на производите. Поради ова постои потреба да се фокусираме на барањата на клиентите, со следење на промените на пазарот и естетиката“, додаде тој.
Нагласи дека на меѓународно ниво, дури и на развиените пазари, турските производи се издвојуваат поради нивниот дизајн.
Исмаил Гуле, раководителот на Советот на турски извозници, рече дека турските дизајнери се рангирани на седмо место на индексот на Глобалниот дизајн со 1,917 поени, надминувајќи неколку земји како што се Германија, Сингапур, Русија и Јужна Кореја.
„Нашата цел е да го продолжиме овој успех со посилни производи и брендови“, рече тој.
„Во Турција има вкупно 342 центри за дизајн и ние ќе ја зголемиме оваа бројка“, додаде.
„До 2030 година планираме да ја зголемиме нашата извозна единечна вредност на 2 долари преку додадена вредност“, рече Гуле.