Güç Gönel
17 Декември 2021•Ажурирај: 20 Декември 2021
ИСТАНБУЛ
Канцеларијата на гувернерот на Истанбул извести дека 22 лица, од кои 11 странци, досега ги загубија животите поради труење со нелегален алкохол, известува Агенција Анадолија (АА).
Канцеларијата на гувернерот на Истанбул објави дека врз основа на наодите до кои дојде Командата на обласната жандармерија и обласната дирекција за безбедност, во болниците се пријавиле 46 лица поради сомневање за труење со нелегален алкохол.
Во соопштението се наведува дека животот го загубиле 22 лица, од кои 11 странци, а 16 лица, од кои 5 странци, се во животна опасност и нивното лекување продолжува. Пет лица во болниците се вон животна опасност, а 3 лица се отпуштени на домашно лекување.
Додека во тек се контролно-инспекциските активности, приведени се 4 од 12 осомничени, а на двајца осомничени се применети одредби за судска контрола.
Покрај тоа, во периодот од 16 ноември до 16 декември, во Истанбул се спроведени 56 операции поврзани со спречување на шверц на алкохол, при што се приведени 14 од 78 осомничени кои биле кривично гонети во текот на овие операции, а одредбите за судска контрола се применети на 17 осомничени.
Во текот на операциите запленети се 32.978 полни шишиња алкохолни пијалаци, 27.619 литри алкохолни пијалаци, голем број котли за дестилација што се користат за производство на нелегален алкохол, црева, инки, машини за затворање шишиња, машини за греење на затворачи, мерачи на алкохол, етикети.
Во соопштението се истакнува: „Интензивно продолжуваат инспекциите на нашите релевантни институции за производство на нелегален алкохол и спречување труење со алкохол во нашата област. Многу е важно граѓаните да ги пријавуваат случаите на продажба на нелегален алкохол, кој може да предизвика голем број здравствени проблеми, особено губење на вид, како и смрт.“