Emre Gürkan Abay
19 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека половина од клиентите на природен гас на „Гаспром“ отвориле сметка во „Гаспромбанк“ за плаќање во рубли, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во своето обраќање на собирот наречен „Нови хоризонти“, одржан во главниот град Москва, Новак зборуваше за односите меѓу Русија и западните земји во енергетскиот сектор.
Тој посочи дека гасоводот „Северен тек 2“ е замрзнат од политички причини.
„Мислам дека нема да профункционира во блиска иднина токму поради овие политички причини. Сепак, на европските потрошувачи им требаат евтини извори на енергија со низок јаглерод, вклучително и природен гас. Мислам дека ќе има побарувачка за овој проект во иднина“, изјави тој.
Новак рече дека руското производство на нафта е намалено за еден милион барели дневно во април.
„Но, во мај го зголемивме производството за 200 до 300 илјади барели дневно“, посочи Новак.
Тој истакна дека американското производство на нафта се очекува да се зголеми за еден милион барели дневно оваа година, но дека ова зголемување е помало отколку во минатото.
Исто така, тој го коментира и „системот за плаќање на природен гас во рубли“, кој го воведе Русија, но предизвикува контроверзии во Европа.
„Постојат 54 големи, средни и мали компании кои имаат договори со „Гаспром експорт“. Колку што знам, половина од овие клиенти отвориле сметка во рубли. Конечниот список на оние кои прифаќаат и не прифаќаат плаќања во рубли ќе биде познат во наредните денови“, изјави рускиот вицепремиер.
Новак истакна дека морале да се префрлат на системот на плаќање на природен гас во рубли за да се обезбедат приходи од извоз.
Русија на 1 април донесе декрет со кој се предвидува дека „непријателските“ земји треба да отворат сметки во „Гаспромбанк“ и да ги вршат своите плаќања во рубли.