Ekipa
29 Март 2022•Ажурирај: 30 Март 2022
ПАРИЗ (АА) - Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ив Ле Дриан вчера започна со официјална посета на Катар, Оман и Кувајт за да разговара за диверзификација на енергетските резерви на Европа во услови на енергетската криза предизвикана од војната на Русија во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој се сретна со емирот на Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани и разговараше за „тековните напори за ставање крај на руската офанзива во Украина, нејзините последици на меѓународните пазари на јаглеводороди и потребата за диверзификација на испораките на гас во европските земји“, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи.
Ле Дриан исто така ќе се сретне со своите колеги во Оман и Кувајт, за време на кои разговорите ќе се фокусираат на испораките на гас и нафта во Европа во контекст на војната во Украина. Тој исто така ќе дискутира за регионалните кризи во Јемен и Либан заедно со другите билатерални прашања, но акцентот на патувањето ќе биде ставен на обезбедувањето на енергетски резерви на Европа во услови на глобалните санкции кон Русија и зголемените цени на суровата нафта.
Минатата недела, германска делегација предводена од министерот за економија и вицеканцеларот Роберт Хабек го посетија Катар за разговори за испорака на гас во Европа, а британскиот премиер Борис Џонсон отпатува во Саудиска Арабија и во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за да разговара за зголемувањето на производството на нафта.
Пред да ја започне посетата на Персискиот Залив, Ле Дриан исто така телефонски разговараше со своите колеги од Саудиска Арабија и ОАЕ за енергетското прашање и ја истакна потребата од силна меѓународна мобилизација поради руската агресија.
Имајќи развиени силни врски со Москва, земјите од Персискиот Залив се поделени и претпазливо одржуваат неутрален став за руската војна врз Украина. Додека Саудиска Арабија, најголемиот производител помеѓу членовите на Организацијата на земји извознички на нафта (OPEC), ги отфрли повиците на американските и европските лидери за зголемување на производството на нафта, ОАЕ ги охрабри земјите членки на ОПЕК да го зголемат производството.
Катар во меѓувреме покажа волја за испорака течен природен гас (LNG) на Европа, а Кувајт ја истакна важноста од одбраната на територијалниот интегритет на Украина.
Европа очајно се обидува да обезбеди алтернативни извори за снабдување со нафтени деривати, природен гас и сурова нафта за да ја намали својата зависност од Русија, која е единствениот најголем снабдувач со енергенси на европските земји, поради војната во Украина. Постои силна загриженост поради заканите за енергетската безбедност на Европа поради можните нарушувања на протокот на рускиот гас и нафта.
Под француското претседателство со Европскиот совет, Франција ја прогласи како цел енергетската независност на ЕУ во наредната деценија, која може да се постигне со диверзификација на снабдувањето и изворите на нафта и гас.