Макрон повика на развој на суверен европски систем за плаќања
На Самитот за плаќања со картички во Франција, Макрон порача дека системите за плаќања се суштински дел од францускиот суверенитет
ИСТАНБУЛ (АА) – Францускиот претседател Емануел Макрон повика на создавање суверен европски систем за плаќања, објави денес телевизијата БФМ ТВ, пренесува Анадолу.
Во видеообраќањето на Самитот за плаќања со картички во Франција, Макрон порача дека системите за плаќања се суштински дел од нивниот суверенитет.
„Мора да изградиме суверен модел за плаќања“, рече Макрон, осврнувајќи се на европските решенија како „Веро“ развиено во рамките на Европската иницијатива за плаќања (ЕПИ).
„Веро“ овозможува моментални плаќања меѓу поединци и има цел да се прошири и кон трговците, овозможувајќи трансакции директно од европските банкарски сметки.
Системот е дизајниран да им конкурира на услуги како „ПејПал“ и „Епл Пеј“, задржувајќи ги финансиските текови и податоците во Европа.
„Да се откажеме од контрола врз плаќањата значи да прифатиме дека суштината на нашите трансакции зависи од актери што не мора да ги делат нашите интереси“, додаде тој.
„Со повеќе од 77 милиони картички во оптек, француската група за плаќања со картички доминира на домашниот пазар, но се соочува со силна конкуренција од американските мрежи и мобилните платни решенија“, посочи Макрон.
Францускиот претседател и претходно се залагаше Европската Унија да следи понезависен пат од САД, повикувајќи на дипломатија и воздржаност во конфликтот меѓу Иран и Израел, како и со формалното признавање на палестинската држава.
