економија, Балкан

Македонски енергетски форум 2020: Премиерот Заев со акцент на важноста на инвестициите во енергетскиот сектор

Македонскиот енергетски форум пред неколку години започна како иницијатива за дијалог меѓу Северна Македонија и САД на теми поврзани со енергетиката

Abdula Berisha  | 23.11.2020 - Обновена : 24.11.2020
Македонски енергетски форум 2020: Премиерот Заев со акцент на важноста на инвестициите во енергетскиот сектор Фото: Umeys Sulejman/AA

СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се отвори третото издание на Македонскиот енергетски форум 2020, во организација на ЗИП институтот, што се одржа преку видео конференција заради пандемијата на новиод вид коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).

Покрај директорот на ЗИП институтот, Агим Селами, на почетниот панел на Форумот се обратија и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, амбасадорот на САД во Скопје, Кејт Мари Брнс, и норвешкиот амбасадор во Белград, Јорн Еуген Гелстад.

Во својот говор, премиерот Заев рече дека Македонскиот енергетски форум пред неколку години започна како иницијатива за дијалог меѓу Северна Македонија и САД на теми поврзани со енергетиката, додавајќи дека денес тој стана важен собир.

„Чест ми е и оваа година да ја отворам конференцијата, од која верувам дека ќе произлезат заклучоци кои ќе дадат придонес за зголемување на инвестициите во енергетиката. Токму еден од приоритетните сектори на кои се фокусира Владата на среден и долг рок е вложувањето во енергетскиот сектор“, рече меѓу другото Заев.

Директорот на ЗИП институтот, Агим Селами, рече дека е горд што и оваа година е организиран Македонски енергетски форум, и покрај тешките услови поради пандемијата.

„Ние веруваме дека онлајн платформата која е специјално назначена за овој форум, ќе служи за основната цел на форумот, што е да овозможи подиум за размена на ставови и дискусии за политиките што се релевантни за енергетските прашања во Северна Македонија и во поширокиот балкански регион“, рече Селами.

Амбасадорите Брнс и Гелстад во својот говор се осврнаа на важноста на диверзификацијата при снабдувањето со енергија и „зелената енергија“, истовремено посакувајќи плодна дебата за време на Форумот.

На Македонскиот енергетски форум учествуваат претставници на државни институции од областа на енергетиката, деловната заедница, експерти и невладини организации, а истиот е поддржан од Владата на Северна Македонија и Амбасадата на САД во Скопје.

По поздравните говори, премиерот Заев беше прашан од претставниците на медиумите за разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Заев рече дека „Бугарија е голем пријател“ на Северна Македонија, додавајќи дека земјата прави сè за да ги реши отворените прашања и дека верува дека ќе се најде решение пред вториот Совет на министри на земјите членки на Европската Унија ( ЕУ), што е предвидено да се одржи на 10 декември.

Потсетуваме дека Бугарија на 17 ноември стави вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Северна Македонија, поради недостиг на договор за историските и образовните прашања меѓу двете земји.

„Држава заснована на идеологија на непријателство кон Бугарија нема место во ЕУ“, рече тогаш бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.