економија

Заев од Првиот економски форум во Скопје: Потребен економски просперитетен Балкан на 21 век, интегриран во ЕУ

Со обраќањето на премиерот Зоран Заев денеска официјално беше отворен Првиот економски форум во Скопје, чија цел е да прерасне во средба на високо ниво на најсилните локални и меѓународни политички лидери и бизнисмени

Husamedin Gina  | 23.06.2021 - Обновена : 23.06.2021
Заев од Првиот економски форум во Скопје: Потребен економски просперитетен Балкан на 21 век, интегриран во ЕУ Фото: Husamedin Gina/АА

СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, упати порака до инвеститорите да ги искористат можностите и да го вложат својот капитал во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).

Со обраќањето на премиерот Зоран Заев денеска официјално беше отворен Првиот економски форум во Скопје, чија цел е да прерасне во средба на високо ниво на најсилните локални и меѓународни политички лидери и бизнисмени во пресрет на континуираните предизвици со кои се соочува Северна Македонија, но и поширокиот регион.

Премиерот Заев во своето обраќање на Форумот истакна дека Северна Македонија негува европски односи, демонстрира европски манири, политичка волја и гради добрососедски односи неопходни за економски просперитет и подобар стандард за граѓаните.

Истакнувајќи дека пораката од самитот Делфи во Атина ја упатува и од Скопје, Заев рече дека е потребен економски просперитетен Балкан на 21 век, интегриран во ЕУ.

На Првиот економски форум во Скопје, премиерот Заев упати порака и до странските и домашните инвеститори.

„Сакам да упатам порака до инвеститорите да ги искористат можностите да го вложат својот капитал во Северна Македонија. Владата креира поволен деловен амбиент и еднакви услови како за домашните, така и за странските инвеститори. Националната економија е стабилна и расте“, нагласи Заев.

Тој на Форумот додаде дека членството на Северна Македонија во НАТО значи сигурност, безбедност и одлична можност за економски развој.

Скопскиот економски форум насловен „Нова зора: Поставување темели на стабилност и просперитет”, е иницијатива на Економскиот форум Делфи во соработка со грчката бизнис-асоцијација во Северна Македонија.

Меѓу учесниците на Форумот се и премиерот на Албанија, Еди Рама, еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој ќе се обрати преку видеоконференциска врска, министрите на Владата на Северна Македонија, амбасадорите на САД, Велика Британија, Германија, Грција и Полска во Северна Македонија, првите луѓе на канцелариите на Светската банка и на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во земјата, како и домашни стопанственици и универзитетски професори.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.