ЕУ предложи нов пакет санкции против Русија поради војната во Украина

Брисел
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија предложи 18. пакет санкции против Русија, насочен главно кон извозот на нафта и банкарскиот сектор, додека војната во Украина продолжува, јавува Анадолу.
Говорејќи на прес-конференција во Брисел, заедно со високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека новите мерки ќе се фокусираат на енергетскиот и банкарскиот сектор на Русија, нагласувајќи дека „силата е единствениот јазик што Русија го разбира“.
Таа нагласи дека руската економија веќе се наоѓа во сериозна криза, со приходи од нафта и гас кои се намалени за речиси 80 отсто, а резервите на Централната банка од 210 милијарди евра се замрзнати.
Новиот пакет санкции вклучува намалување на ограничувањето на цената на нафтата од 60 на 45 долари по барел и забрана за увоз на рафинирани производи добиени од руска сурова нафта.
ЕУ, исто така, ќе стави на црната листа уште 77 бродови поврзани со таканаречената „флота во сенка“ на Русија.
Во финансискиот сектор, ЕУ предлага проширување на забраната за користење на системот СВИФТ на уште 22 руски банки и воведување ограничувања за финансиски оператори од трети земји кои помагаат во заобиколување на санкциите.
Дополнително, нови забрани за извоз во вредност од 2,5 милијарди евра ќе ги погодат клучните индустриски стоки, машини, метали, хемикалии и технологии со двојна намена – особено оние што се користат за производство на беспилотни летала и ракети.
Санкции се планираат и за 22 компании кои го поддржуваат рускиот воено-индустриски комплекс.
Фон дер Лајен повторно ја повика Русија на целосен и безусловен прекин на огнот од најмалку 30 дена, нагласувајќи дека „војната мора да заврши“.
„Секоја санкција ја ослабува способноста на Русија да продолжи да се бори. Русија сака да веруваме дека може да ја води оваа војна засекогаш, но тоа едноставно не е точно“, изјави Калас, додавајќи дека руската економија се „собира“, БДП е во пад, а земјата веќе изгубила десетици милијарди од нафтените приходи.
Калас истакна дека санкциите насочени кон „флотата во сенка“ особено го погодиле рускиот извоз на нафта, со пад од 30 отсто на пратките од Црното и Балтичкото Море само една недела по усвојувањето на 17-от пакет санкции на ЕУ во мај.