Diyar Güldoğan
22 Ноември 2023•Ажурирај: 23 Ноември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Туркије не може да ја прифати политиката на Израел за депопулација на Појасот Газа, порача турскиот претседателот Реџеп Таип Ердоган, повторувајќи дека Израел е терористичка држава, јавува Анадолу.
„Не можеме и нема да ја толерираме политиката на државата Израел, која растеше со постојано окупирање, заземање земја и масакрирање на угнетените, за да ја направи Газа ненаселена“, рече Ердоган на Бизнис-форумот Алжир-Туркије.
Ердоган престојуваше во еднодневна посета на главниот град на Алжир каде што оствари средба со алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун и присуствуваше на вториот состанок на Советот за соработка на високо ниво Туркије-Алжир, каде што претседателите разговараа и за тековните напади на Израел врз Газа.
„Нападите, во кои загинаа повеќе од 13.000 наши браќа Палестинци, уште еднаш ги открија вистинското лице, намера и цел на Израел и на неговите поддржувачи. Во овој поглед, многу е важно воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени од израелските владетели да не останат без санкции“, рече Ердоган.
„Сите совесни земји, заедно со исламскиот свет, имаат одговорност да обезбедат Израел повторно да не се обиде со слични злосторства“, рече тој, нагласувајќи: „Треба да го знаеме ова еднаш засекогаш. Израел е терористичка држава. Нема потреба да се двоумиме да го кажеме ова. Ова е вистината што ја знаеме. Таков е случајот.“
„Израел и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху мора да бидат изведени пред Меѓународниот кривичен суд (МКС), трибуналот со седиште во Хаг“, рече Ердоган.
„Нетанјаху е осуден на пропаст. Дури и израелскиот народ повеќе не го поддржува Нетанјаху“, рече тој, додавајќи дека Туркије нема да дозволи да се заборави прашањето за нуклеарното оружје и атомските бомби, чие постоење израелските министри го негираат.
„Израел, кажи дали имаш атомска бомба или не. Не може да каже. Но видете, ние го кажуваме тоа. Израел, имаш атомска бомба. Ќе преземеме иницијативи и пред Советот за безбедност на ОН и пред Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за ова прашање, кое ја загрозува безбедноста на целиот регион, вклучително и на Туркије“, додаде Ердоган.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Илјадници згради, вклучително болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во израелската офанзива.
Израелската блокада, исто така, го прекина снабдувањето на Газа со гориво, електрична енергија и вода и ја намали испораката на помош.
- Билатералните односи со Алжир -
Ердоган рече дека неодамна забрзаните контакти и посети додаваат значителен моментум на билатералните односи меѓу Туркије и Алжир.
Обемот на билатералната трговија достигна рекордни 5,3 милијарди долари во 2022 година, рече тој, додавајќи: „Се надеваме дека до крајот на годината ќе го достигнеме нивото од 6 милијарди долари.“
„Околу 1.400 компании со турски партнери што работат во Алжир обезбедуваат вработување на приближно 5.000 Алжирци“, истакна тој.
„Пазарната вредност на инвестициите на нашите компании се приближи до 6 милијарди долари. Со овие бројки Туркије е земја што прави најмногу инвестиции и обезбедува најмногу вработувања во Алжир, без нафтата и природниот гас“, рече Ердоган.
„Туркије, исто така, е задоволна од алжирските инвестиции во земјата“, додаде тој, нагласувајќи дека Анкара ќе продолжи да ги обезбедува потребните капацитети за Алжирците да ги зголемат своите инвестиции во Туркије.