Muhammed Enes Çallı
21 Ноември 2023•Ажурирај: 22 Ноември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Туркије се надева дека што поскоро ќе постигне позитивни резултати од договорот за размена на заложници помеѓу Израел и палестинската група на отпорот Хамас, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
Туркије е во постојана комуникација за решавање на заложничката криза и очекува да добие позитивни резултати од разговорите, рече Ердоган на заедничката прес-конференција со алжирскиот колега Абдулмаџид Тебун по средбата во главниот град на Алжир.
Ердоган рече дека турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, и шефот на разузнавањето, Ибрахим Калин, со заеднички напори со Катар, биле ангажирани во разговорите за ослободување на заложниците.
Во однос на израелското бомбардирање на Газа, Ердоган рече дека нападите врз болниците, местата за богослужба и другите објекти во Газа кои треба да бидат под заштита, како и принудното раселување на луѓето е „нечовечност и варварство“.
Туркије недвосмислено ги отфрла израелските напади врз Газа, кои се колективна казна и претставуваат воени злосторства, рече турскиот претседател нагласувајќи дека приоритети на Анкара се постојаниот прекин на огнот и непречената хуманитарна помош.
„Воспоставувањето на палестинска држава со главен град Источен Ерусалим (Источен Кудс) врз основа на границите од 1967 година сега е неизбежно. Во тој поглед, ние ќе продолжиме да даваме сé од себе“, истакна тој.
Нагласувајќи дека со алжирскиот претседател Тебун разговарале за хуманитарната криза во Палестина, Ердоган рече дека Алжир е меѓу земјите што даваат најсилна и најискрена поддршка за палестинската кауза.
„Без постигнување праведно политичко решение за палестинското прашање, воспоставувањето траен мир и стабилност во нашиот регион не е можно“, рече турскиот претседател. „Најавивме дека сме подготвени да дејствуваме како гаранти, заедно со земјите од регионот, во имплементацијата на правичен мир договорен од Израел и Палестина.“
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади во Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Властите во Газа соопштија дека бројот на загинати во израелските напади врз енклавата од 7 октомври се искачи на 14.100, од кои 5.840 се деца, а 3.920 жени.
Бројот на загинати во Израел е околу 1.200, според официјалните податоци.
- „Блискиот Исток е како вулкан“ -
Алжирскиот претседател Тебун рече дека со претседателот Ердоган разговарале за случувањата на Блискиот Исток во сите димензии.

Се случи голема трагедија поради злосторствата што ги изврши ционистичкиот режим во Појасот Газа, рече тој.
„Воспоставувањето на независна палестинска држава со главен град Источен Ерусалим (Источен Кудс) врз основа на границите од 1967 година е легитимно право на палестинскиот народ“, нагласи Тебун и додаде:
„Блискиот Исток е како вулкан. Или овој проблем (палестинското прашање) ќе биде решен, или ќе прогресира во друга насока“.
Истакнувајќи ја потребата за итно запирање на злосторствата извршени од „државата окупатор“, Тебун рече: „[Во разговорот со Ердоган] jа нагласивме важноста од барањето одговорност од сторителите на геноцидот во Газа пред Меѓународниот кривичен суд“.
„За прв пат во 75 години, оние кои ги извршија овие злосторства [Израел] ќе се соочат со правдата“, рече тој.
Тебун се осврна и на нападите на еврејските доселеници врз Палестинците на окупираниот Западен Брег.
„Ја истакнавме потребата да се запре тероризмот на доселениците на Западниот Брег“, додаде алжирскиот претседател.