Abdula Berisha
06 Август 2019•Ажурирај: 07 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Северна Македонија на прес-конференција ги претстави измените и дополнувањата на Законот за земјоделско земјиште, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Трајан Димковски рече дека целта на измените е зајакнување и развој на домашниот земјоделски сектор, потенцирајќи дека минатата недела измените се веќе усвоени во Собранието на Северна Македонија. Тој објасни дека со измените се овозможува изградба на објекти за промоција на земјоделски производи и објекти за спортски активности.
„Оваа реформа директно ќе влијае врз зголемувањето на инвестициите во руралниот туризам, главно преку искористување на средства од ИПАРД-програмата. Ова значи дека уште на наредните огласи за закуп на земјоделско земјиште, сите кои сакаат да отворат угостителски објекти и ресторани за промоција, ќе можат да конкурираат за добивање на земјиштето под закуп“, рече Димовски.
Министерот, исто така рече дека со последните измени, и на пчеларите им се дава можност да изнајмат земјоделско земјиште во државна сопственост. Тој исто така рече дека се обезбедени олеснувања и за младите земјоделци.
„Лицата до 40 години кои ќе добијат државно земјоделско земјиште ќе бидат ослободени од плаќање на закупнина во првите три години од вклучување на договорот за закуп. Со ова се стимулираат младите во државата да се занимаваат со земјоделство - создаваме поволни услови за поголема вклученост на младите во земјоделството и можност за започнување сопствен бизнис во агро-секторот“, рече Димковски.
Министерот за земјоделство објасни дека и земјоделците кои претходно стекнале земјиште до 3 хектари ќе имаат можност да учествуваат во идните огласи и да го прошират земјоделското земјиште до 10 хектари.
Димковски рече дека овие измени се направени во интерес на земјоделците и вети дека како министерство ќе продолжат да креираат вакви политики.