Nuran Erkul Kaya
17 Мај 2019•Ажурирај: 18 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Трансјадранскиот гасовод, последниот дел од 3.500 километри долгиот Јужен гасен коридор вреден 400 милијарди долари, на третата годишнина од почетокот на изградбата над 87 отсто е завршен, истакнаа денес од компанијата ТАП АГ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Изградбата на проектот започна на 17 мај 2016 година, а првите испораки во Европа се планирани за 2020 година.
Една од пресвртните точки во изградбата на гасоводот беше неговото поврзување со Трансанадолискиот гасовод за природен гас (ТАНАП) на реката Марица во ноември 2018 година.
ТАНАП е уште еден дел од Јужниот гасен коридор. Гасоводот долг 1.850 километри ќе пренесува 16 милијарди кубни метри природен гас, почнувајќи од турско-грузиската граница. Турција ќе добива 6 милијарди кубни метри гас преку ТАНАП, додека преостанатата количина ќе биде транспортирана до Европа преку ТАП.
Проектот ТАП, кој доби финансиска поддршка од 3,9 милијарди фунти од неколку банки во декември 2018 година, се смета за најголемата финансиска посветеност од 2018 година за еден европски инфраструктурен проект.
Последната пресвртна точка на проектот беше реализирана во март 2019 година, кога започна офшор-изградбата на гасоводот. Редењето на цевоводот започна на 105 километри долгиот офшор-дел преку Јадранското Море во подморските длабочини кои достигнаа и до 810 метри.
До денес, екипите на ТАП поминале над 116 милиони километри и работеле околу 41 милион часа.
Лука Шиепати, директорот на ТАП, истакна дека проектот е значаен од три главни причини: донесување непосредни бенефиции за трите земји низ кои минува, Грција, Албанија и Италија.
По поврзувањето со ТАНАП на турско-грчката граница, ТАП ќе ја пресече северна Грција, Албанија и Јадранското Море пред да стигне на брегот на јужна Италија за да се поврзе со италијанската мрежа за природен гас.
„Пошироко, ќе обезбеди степен на енергетска безбедност и разновидност што поширокиот регион не го имал претходно. Тоа е, исто така, клучен проект кој ќе ја олесни енергетската преносливост во Европа“, рече Шиепати, додавајќи дека изградбата ќе резултира со обезбедување на општествени и економски придобивки за заедниците во земјите во наредните децении. „Работевме напорно за да го постигнеме ова во текот на изминатите три години, а позитивната оставина на нафтоводот ќе продолжи долго по завршувањето на изградбата“, истакна Шиепати.
Од комапнијата ТАП наведуваат дека откако ќе се изгради, ТАП ќе обезбеди значајни нови енергетски резерви за југоисточна Европа за снабдување на домовите и индустриите, бидејќи регионот преминува кон иднина со ниска употреба на јаглерод.
По завршувањето, гасоводот долг 878 километри ќе обезбеди околу 33 отсто од потребите за гас во Бугарија, 20 отсто од потребите на Грција и околу 10,5 отсто на Италија.
БП (British Petrol), SOCAR и „Snam“ имаат 20 % удел во ТАП, додека „Fluxys“ поседува 19 %, „Енагас“ (Enagas) има 16 % од акциите и „Axpo“ има 5 %.