Bekim Laci
12 Јуни 2018•Ажурирај: 13 Јуни 2018
СКОПЈЕ (AA) – Околу 40 компании од Македонија и 15 од Италија учествуваат на италијанско-македонскиот бизнис-форум „Инвестициски проекти и можности во секторите транспорт, енергетика и животна средина во Македонија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Италијанско-македонскиот Бизнис-форум се одржува во Скопје, во организација на Агенцијата за промоција и интернационализација на италијанските компании во странство (ИЧЕ) и Амбасадата на Италија.
Александра Капобјанко, од канцеларијата на ИЧЕ во Скопје, пред почетокот на Форумот соопшти дека целта е да се зголеми италијанското присуство во стратешките проекти на Балканот во областа на градежништвото, животната средина и електротехниката.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој присуствуваше на Форумот, рече дека Скопје влегува во сериозна фаза на изградба на инфраструктурни објекти.
„Во текот на месец јуни завршуваме неколку сообраќајни решенија, ќе биде објавен меѓународен тендер за проектирањето на виадуктот над реката Вардар и тунелите под скопската тврдина Кале, кои ќе дадат една нова сериозна инфраструктурна содржина во градот, но, ќе овозможат и можности за развој“, рече Шилегов, и за утре најави официјално отворање на колекторскиот систем на реката Вардар.
Македонскиот премиер Зоран Заев рече дека овој форум претставува извонредна можност за отворање перспективи во сферата на инфраструктурата и енергијата преку зачувување на животната средина, бидејќи, како што рече, Македонија е најважната крстосница на Балканот за инфраструктурата и енергетските врски.
„Посветени сме на реализација на процесот на гасификација преку интензивирање на изградбата на гасоводната мрежа, но и гасоводното поврзување на земјата на гасоводот ТАП. Со ТАП ќе имаме избор и ќе имаме и втор доставувач. Целта е евтиниот енергенс, природниот гас да биде доставен во секоја куќа и домаќинство во Македонија, но и до огромниот потрошувачки потенцијал“, рече Заев.
Тој информираше и за започнатата изградба во патната инфраструктура.
„Започнавме градежна офанзива на изградба и рехабилитација на 800 километри патишта низ Македонија. За таа цел обезбедивме средства во висина од 270 милиони евра, од кои, покрај нашите буџетски пари, дел се и од Европската банка за обнова и развој и од Светската банка“, рече Заев.
Форумот се очекува да ја потврди поддршката на Италија за учеството на италијанските компании во спроведувањето на развојните проекти во секторите од стратешко значење за европските инфраструктурни врски, со цел да придонесе за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан.