економија

Во Скопје презентиран Сараево бизнис-форум: Можност за унапредување на бизнис-соработката

Стопанската комора на Македонија и Босанската инвестициска банка (Bosna Bank International) од Сараево, потпишаа Меморандум за соработка, врз основа на кој ќе се темели нивната понатамошна соработка.

Admir Fazlagic  | 07.03.2019 - Обновена : 08.03.2019
Во Скопје презентиран Сараево бизнис-форум: Можност за унапредување на бизнис-соработката (Foto: Vedat Abdul/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ (АА) - Стопанската комора на Македонија и Босанската инвестициска банка (Bosna Bank International) од Сараево, потпишаа Меморандум за соработка, врз основа на кој ќе се темели нивната понатамошна соработка, јавува Anadolu Agency (AA).

Во просториите на Стопанската комора на Македонија, во Скопје, по повод 10-годишнината од постоењето на Сараево бизнис-форумот (СБФ), се одржа работилница на која беше презентиран СБФ, кој според организаторите претставува најголема регионална бизнис и инвестициска конференција.

Татјана Штерјова, вршител на дејноста директор на Дирекцијата на здруженија и регионални комори во Стопанската комора на Македонија, во изјава за AA изрази задоволство од денешната средба со претставниците на Босанската инвестициска банка, кои се организатори на Сараево бизнис-форумот, и најави дека на овој форум којшто ќе се одржи во месец април во Сараево ќе присуствува и делегација од земјава, предводена од претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, во чиј состав ќе бидат стопанственици од различни сектори и од различни денјости.

„Денеска потпишавме Меморандум за соработка којшто вклучува платформа за остварување заемна соработка помеѓу Стопанската комора на Македонија како најголема и најзначајна бизнис-асоцијација во земјата со Босанската инвестициска банка во однос на организирањето на Сараево бизнис-форумот и настаните коишто се однесуваат на ХАЛАЛ [стандардот]. Се надеваме дека овој склучен меморандум предвидува поволности за компаниите од Стопанската комора на Македонија кои ќе учествуваат на овие настани и се надеваме дека ова ќе биде основа за долгогодишна успешна соработка“, изјави Штерјова.

Таа додаде дека една од нивните основни цели на дејствување е воспоставувањето и на регионална економска област. Според нејзините зборови, водечката идеја на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), којшто е платформа основана од шесте комори од државите на Западен Балкан е зголемување на економската интеграција и развивање интрарегионална соработка.

Едина Хасечиќ, директорката на Секторот за работа со правни лица на Босанската инвестициска банка (Bosna Bank International), истакна дека оваа банка освен класични банкарски производи како начин на поврзување има и свој бизнис-клуб и е организатор на Сараево бизнис-форумот како меѓународна платформа за поврзување инвестиции.

Хасечиќ рече дека на денешниот состанок му претходела размена на идеи со колегите од Скопје, со кои денес потпишале Меморандум врз основа на кој ќе се темели идната соработка.

„Целта ни е да ги претставиме можностите на сите потенцијално заинтересирани клиенти како да ги презентираат и пласираат своите идеи на потенцијалните инвеститори. Секако, една од целите, е како на регионална основа да ја унапредиме соработката и станеме еден позначаен фактор на кои било делови од пазарот. Сараево бизнис-форумот се организира веќе 10. година и овој ни е јубилеен; тој е од регионален концепт, како и сите досега. Ги повикувам сите заинтересирани инвеститори и учесници да бидат присутни и да видат какви можности се тоа. Сараево бизнис-форумот се одржува од 17 до 19 април оваа година“, изјави Хасечиќ за АА.

Таа информираше дека во Босна и Херцеговина и во земјите од регионот организирале презентација на СБФ и истакна дека очекуваат ова јубилејно издание на Форумот да ги надмине сите досегашни очекувања и да биде посетено од многубројни инвеститори и претприемачи од различни земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.