Балкан

„Небото на речиси 40 земји денес го штитат турски дронови“

Министерот за индустрија и технологија на Туркије, Мехмет Фатих Каџир, во интервју за Анадолу рече дека Туркије денес е меѓу водечките европски земји во индустријата и технологијата и е подготвена да го сподели своето искуство со браќата од Балканот

İsmail Özdemir  | 23.05.2024 - Обновена : 26.05.2024
„Небото на речиси 40 земји денес го штитат турски дронови“ Фото: Самир Јордамовиќ / АА

САРАЕВО (АА)

- Исмаил ОЗДЕМИР


Министерот за индустрија и технологија на Република Туркије, Мехмет Фатих Каџир, во интервју за Анадолу изјави дека турските беспилотни летала денес се број еден во светот, и дека го штитат небото на речиси 40 земји. Тој истакна дека Туркије денес е меѓу водечките европски земји во областа на индустријата и технологијата, и дека е подготвена да го сподели своето искуство со своите браќа од Балканот.

Министерот Каџир, кој вчера престојуваше во посета на Босна и Херцеговина по повод 13. Сараево бизнис-форум, за Анадолу говореше за успесите на Туркије во областа на одбранбената индустрија и технологијата, и за можностите за зајакнување на соработката со земјите од регионот во споменатите области.

На самиот почеток од разговорот Каџир се осврна на хеликоптерската несреќа во Иран, конкретно за успешно завршената задача на турското беспилотно летало Акинџи, кое во рок од час и половина, при многу тешки временски услови го скенирало подрачјето и го лоцирало местото на падот на хеликоптерот со иранската делегација, каде што немаше преживеани. Каџир, пред сѐ, упати пораки со сочувство до Иран и иранскиот народ по повод оваа трагедија.

„Целиот свет внимателно ги следи достигнувањата на Туркије во одбранбената индустрија. Туркије стана земја која со своите домашни системи може да ги задоволи своите потреби во одбранбената индустрија и да ги развие најдобрите светски платформи и системи во високата технологија. Денес турските беспилотни летала се број еден во светот. Небото на речиси 40 земји денес е заштитено со турските беспилотни летала“, рече Каџир.

Тој потсети и дека стапката на домашно производство во турската одбранбена индустрија се зголемила од 20 на над 80 отсто, но сето тоа, посочи, е благодарение на технолошкиот потег и визијата што продолжува под раководство на претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган.

„Тоа доведе до воспоставување на гигантски екосистем кој сега вклучува 3.500 компании и речиси 80.000 квалификувани работници. Меѓу нив се родија и најдобрите тимови во светот како Бајрактар, Бајкар, кои се извор на гордоста на Туркије“, истакна Каџир.

За посебно важен го нагласи фактот што Туркије ја смета технологијата за вредна сѐ додека се користи за благосостојбата на човештвото.

„Ваквата цивилизациска перспектива е дел од пробивот на нашата одбранбена индустрија. Во овој случај (хеликоптерската несреќа во Иран), ја проценивме потребата на нашиот драг пријател и сосед Иран, со истата цивилизациска перспектива и пристап да ги споделиме можностите што ги имаме со нашите пријатели и браќа, врз основа на добрососедските и пријателски односи. Речиси пет милиони луѓе го следеа овој настан во живо, благодарејќи ѝ на Агенција Анадолу, која го пренесуваше тоа и на која ѝ се заблагодарувам. Од сѐ срце му честитам на Бајкар, на технолошкиот лидер Селчук Бајрактар, на неговиот тим и на сите кои направија Туркије навистина да постигне успех на светската сцена со којшто сите можеме да се гордееме“, рече Каџир.

Туркије во последно време остварува значителен извоз во области како што се одбранбената индустрија и технологијата. Сè повеќе се зборува за формирање на индустриски зони и фабрики од истиот модел во странство. На прашањето дали за ова се разговарало на овогодинешниот СБФ во Сараево, Каџир одговори:

„Сакаме да го споделиме целото искуство што го има Туркије со нашите браќа на Балканот.“

Напомена дека Туркије денес е меѓу водечките европски земји во областа на индустријата и технологијата.

„Од комерцијални возила до производство на рамно стакло, од соларни панели до железо, челик, цемент и бела техника, Туркије е најголемиот европски производител. Први сме во Европа во производството на соларни панели, во производството на комерцијални возила. Втори во светот во производството на бела техника“, рече Каџир, и додаде: „Сакаме да го пренесеме сето наше индустриско искуство на подрачјето на Балканот на многу посилен начин. Имаме искуство што тоа ни го овозможува.“

Министерот го изнесе податокот дека во изминатите 22 години вработеноста во организираните индустриски зони во Туркије се зголемила од 415.000 на 2,6 милиони. Тој, исто така, рече дека Туркије има 10.500 компании кои се занимаваат со иновации во вкупно 102 технопаркови.

„Подготвени сме ова искуство да го пренесеме на ова подрачје. По повод овој форум одржав средби со министри од Босна и Херцеговина. Сакаме младите и вредни човечки ресурси од ова подрачје да ѝ служат на својата земја. Поради оваа причина сметаме дека е неопходно да се вложат напори за да се понудат повеќе можности и да се работи иновативно. Сакаме сите програми, проекти и активности што ги спроведуваме во Туркије, како што е ТЕХНОФЕСТ, да ги спроведуваме заедно со нашите браќа од овој регион“, рече Каџир.

Осврнувајќи се на ТЕХНОФЕСТ, турскиот фестивал на аеронаутиката и технологијата, Каџир рече дека ТЕХНОФЕСТ станал турска стартап фабрика.

„На ТЕХНОФЕСТ минатата година учествуваа 337.000 тимови со вкупно 1 милион натпреварувачи. Оваа година бројот на тимови надмина 700.000 и достигна 1,6 милиони натпреварувачи. Секако сакаме што поголемо учество на нашите браќа од Балканот. На овие подрачја можеме да реализираме слични проекти. Сакаме да им пружиме поддршка колку што можеме и да работиме заедно на реализација на проекти кои имаат за цел пријателските и братски земји од овој регион, а особено Босна и Херцеговина, поефикасно да учествуваат во процесот на развој на технологијата“, заклучи министерот Каџир.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.