26 Февруари 2024•Ажурирај: 28 Февруари 2024
БРИСЕЛ (АА) - Земјоделците со трактори ги окупираа бриселските улици и палеа стари гуми барајќи акција од Европската Унија. Додека министрите за земјоделство во Брисел разговараат како да одговорат на барањата на европските земјоделци, гневните фармери повторно го окупираа градот, палејќи стари гуми и блокирајќи го сообраќајот, јавува Анадолу.
Белгиските земјоделци, на кои им се придружија и нивните колеги од други земји, се упатија кон Брисел, каде што се одржува состанокот на министрите на земјите членки на ЕУ.
Неколку стотици трактори ги блокираа главните сообраќајници во главниот град на Белгија, вклучително и околу институциите на ЕУ, а се очекува да пристигнат и нови. На неколку места запален е оган, а гуми извалкани со кал се фрлени на улицата што го поврзува старото јадро на градот со европскиот кварт. Полицијата го изгасна пожарот со воден топ.
„Поентата е дека сме сиромашни, но сакаме да заработиме доволно за да можеме да живееме пристојно. Ние не сме против климатските политики. Но, знаеме дека за зелена транзиција треба да бараме повисоки цени за нашите производи, бидејќи поскапо е да се произведе нешто органско“, рече еден од демонстрантите.
Поради најавените протести, полицијата, меѓу другото, затвори неколку тунели и две станици на подземната железница во близина на европските институции, и ги советуваше луѓето да не одат со автомобили до центарот на градот.
Земјоделците на почетокот на месецот протестираа во Брисел во текот на состанокот на лидерите на земјите членки, но не се задоволни од досегашниот одговор на ЕУ. Како што напиша во повикот за протестот валонскиот земјоделски синдикат Фугеа, Европската комисија треба „повторно да се потсети“ на проблемите.
Меѓу останатото, тие бараат повлекување од договорите за слободна трговија со трети земји, вклучително и прекин на преговорите за договорот со јужноамериканскиот трговски блок Меркосур.
Тие исто така бараат регулирање на пазарот со цел да се обезбедат правични цени и да се спречат шпекулациите. Исто така, се заложија за праведна заедничка земјоделска политика која би го поддржувала еколошкото земјоделство.
За тоа време министрите за земјоделство на земјите членки разговараат за одговорот на барањата на земјоделците. Ќе се расправа за предлозите на Европската комисија за намалување на административното оптоварување на земјоделците, а се очекува и носење и на одредени краткорочни мерки.
Брисел подготвува различни мерки откако земјоделците излегоа на улиците во многу европски земји, меѓу кои се Германија, Франција, Белгија и Шпанија, како и во Словенија.
Тие бараат подобри цени за своите производи, помала бирократија и одредени отстапки за исполнување на еколошките цели.
Во меѓувреме, земјоделците на истокот на Европската Унија, исто така, се на улиците поради, според нивното мислење, нелојалната конкуренција од Украина.