Admir Fazlagic
18 Декември 2020•Ажурирај: 20 Декември 2020
СКОПЈЕ
Главниот предизвик што ги одбележа првите 100 дена од работата на Министерството за економија беше справувањето со негативните ефекти врз стопанството предизвикани од светската пандемија со Ковид-19, истакна министерот за економија на Република Северна Македонија, Крешник Бектеши, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Бектеши ова го истакна на денешната прес-конференција на која презентира што Министерството за економија направило или започнало во изминатите 100 дена од почетокот на мандатот.
Тој рече дека ресорното Министерство обезбедило целосна посветеност за поддршка за сите сектори за успешно надминување на проблемите кои ги предизвика пандемијата.
„Веднаш со почетокот на новиот мандат почнавме со реализација на четвртиот сет економски мерки за поддршка на економијата, со што обезбедивме директна финансиска поддршка за туристичкиот сектор, за компаниите од услужните дејности и за организирање настани како свадби, за занаетчиите, но и за компаниите, коишто, и покрај пандемијата, инвестираа во подобрување на својата конкурентност“, истакна министерот Бектеши.
Тој информира дека како дел од мерките кои ги реализира Министерството за економија од почетокот на новиот мандат е потпишувањето нови договори со 39 компании и 10 анекси на договори со вкупен инвестициски циклус од 56 милиони евра од Законот за финансиска поддршка на инвестициите за 2020 година.
Исто така, Бектеши рече дека за реализацијата на мерката за финансиска поддршка на компаниите кои инвестирале за време и постковид-периодот се поддржаа 400 компании со 17,3 милиони евра директна државна помош како дел од мерките на Владата за справувањето со негативните последици од пандемијата.
Според Бектеши, фокус на работењето на Министерството за економија во овие први 100 дена беше поддршката на туристичко-угостителскиот сектор кој беше најпогоден од ковид-кризата.
„Во првите 100 дена од работењето Министерството за економија реализира пет мерки за поддршка на овој сектор, за што се исплатени 212 милиони денари. Како резултат на нивната реализација, вкупно 214 физички и правни лица добија 58 милиони денари за поврат на туристичка такса. Вкупно 276 туристички агенции добија грантови и беа поддржани со вкупно 79,6 милиони денари. Вкупно 81 игротека добија грантови во вкупна вредност од 13,2 милиони денари“, рече Бектеши.
Информира дека грантови добија 132 ресторани за организирање на свадби, за што беше исплатена директна државна помош од вкупно 54,5 милиони денари. Беа поддржани 78 туристички водичи со вкупна вредност на поддршката од 5 милиони денари. Тој додаде дека до крајниот рок - 15 декември, се искористени 64.675 ваучери за домашен туризам, за што беа исплатени околу 400 милиони денари државна помош директно кај сместувачките капацитети во земјата.
Министерот рече и дека во првите 100 дена како дел од мерките за справување со ковид-кризата во рамки на Министерството за економија е реализирана мерката за кофинансирање на трошоците за алати и репроматеријали кај занаетчиите, за што се поддржани 225 занаетчии со 8,8 милиони денари.
Во однос на тоа на кои проекти ќе се фокусираат во наредниот период, Бектеши рече дека акцентот ќе биде ставен на дополнително олеснување на условите за водење бизнис во Северна Македонија.
Министерот Бектеши рече дека во делот на поттикнување на иновативноста во првите шест месеци следната година ќе стартува и „Старт-ап селото“ за отворање старт-ап бизниси.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на скратување на работното време на угостителските објекти, како и до кога ќе останат да важат мерките против ширењето на Ковид-19, министерот Бектеши рече дека во моментот не се размислува за друго решение, додавајќи дека ќе се почитуваат сите предлози на Комисијата за заразни болести што се однесува до пандемијата во Северна Македонија. Toj потенцира дека мерките ќе останат сѐ додека така смета Комисијата за заразни болести.