Tuba Onğun
03 Ноември 2022•Ажурирај: 04 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот национален авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ (Турк хавајолари) оствари нето-профит од над 1,5 милијарди долари во третиот квартал од 2022 година, што е за 131,3 отсто повеќе од периодот пред пандемијата во 2019 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„„Туркиш ерлајнс“ го заврши третиот квартал од 2022 година со 1,5 милијарди долари нето-профит благодарение на својата оперативна агилност и способноста да одговори на зголемената побарувачка со својата висококвалификувана работна сила и широката мрежа на летови што ја одржа за време на пандемијата“, се истакнува во соопштението на авиопревозникот.
Вкупните приходи на авиопревозникот се искачија на 6,1 милијарда долари во периодот јули - септември, што е за 51,7 отсто повеќе од истиот период во 2019 година.
Сочинувајќи 14 отсто од вкупните приходи, приходите од карго услугите скокнаа за 109,8 отсто, односно на 880 милиони долари во истиот период.
Авиокомпанијата услужи 23 милиони патници во третиот квартал од оваа година со фактор на исполнетост од 91,4 отсто на домашните летови и 85,3 отсто на меѓународните летови.
„Туркиш ерлајнс“, според податоците од септември, може да се пофали со флота од 390 авиони, како и со 21 карго авион.