Behçet Alkan
03 Ноември 2022•Ажурирај: 04 Ноември 2022
НЕВШЕХИР (АА) - Над 3,6 милиони туристи ја посетиле Кападокија, една од најатрактивните дестинации во Туркије, во првите 10 месеци оваа година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кападокија се наоѓа на Листата на УНЕСКО за светско наследство и е позната по своите природни, историски и културолошки богатства.

Меѓу другото, Кападокија вниманието на туристите го привлекува благодарение на своите самовилски оџаци, долините со природни карпести формации, историските манастири издлабени во карпи, балоните со топол воздух и различни други активности.
„Бројот на посетители на музеите и археолошките локалитети во Кападокија во првите десет месеци во оваа година достигна околу 3,63 милиони“, соопштија од Директоратот за култура и туризам во Невшехир.

Речиси рекордни 600.000 туристи патуваа со балони на топол воздух, што им овозможи да уживаат во спектакуларната глетка на Кападокија од воздух.
Исмаил Суџу, локален претставник за туризам, во изјава за АА истакна дека е сигурен дека во наредните години ќе доаѓаат уште повеќе туристи во Кападокија.
„До крајот на годината очекуваме бројот на туристи да надмине 4 милиони“, рече Суџу.