Övünç Kutlu
28 Октомври 2016•Ажурирај: 28 Октомври 2016
ЊУЈОРК (АА) – Компанијата „Гугл“, еден од технолошките гиганти во САД и нејзината матична компанија „Алфабет“, имаат зголемување на приливот на средства и на нето-добивката во третиот квартал од оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Алфабет“ информираше дека компанијата во третиот квартал од 2016 година има приходи од 22,45 милијарди долари, што е зголемување од 20 отсто во однос на истиот период минатата година, кога во периодот јули-септември 2015 година, компанијата имаше приходи од 18,67 милијарди долари.
Минатата година, компанијата „Алфабет“ во третиот квартал имала нето-добивка во висина од 4 милијарди долари, додека оваа година, во истиот период, нето-добивката е зголемена за 27,5 отсто и изнесува 5,1 милијарди долари.
Пораснаа и нето-добивката и приходите на „Гугл“, кој е дел од „Алфабет“.
„Гугл“ во третиот квартал од 2016 година има зголемување на нето-добивката за 17,2 отсто, и таа изнесува 6,8 милијарди долари. Компанијата во истиот период минатата година имаше нето-добивка од 5,8 милијарди долари.
„Гугл“ минатата година во периодот јули-септември имаше приходи во висина од 18,53 милијарди долари. Оваа година компанијата има остварено пораст во приходите од 20,1 отсто, и тие изнесуваат 22,25 милијарди долари.
Покрај тоа, приходите на „Гугл“ од реклами во третиот квартал од 2016 година се зголемени за 17,8 отсто, и изнесуваат 19,8 милијарди долари. Приходите на компанијата од реклами во 2015 година изнесувале 16,8 милијарди долари.
По затворањето на Њујоршката берза, акциите на „Алфабет“ се зголемија за 2,5 отсто, и достигнаа вредност од 837,75 долари. Вистинскиот одраз врз вредноста на акциите на компанијата, која оствари биланс на успехот поголем од очекуваното, всушност ќе се случи во последниот ден од работната недела на берзата.