Besar Ademi
03 Март 2017•Ажурирај: 04 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во ЕУ - Инфо-центар во Скопје, Организацијата на работодавачи на Македонија претстави пет предлог-политики за подобрување на бизнис климата, кои се дел од активностите во рамките на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, финансиран од ЕУ, а спроведен од страна на Меѓународната организација на трудот, јавува Anadolu Agency (AA).
Според Организацијата на работодавачи на Македонија, предлог-политиките ќе бидат основа за идните активности за подобрување на бизнис климата во Македонија, како за зголемување на конкурентноста на домашните компании.
Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров рече дека и покрај петте предлог-политики што се предвидени да се спроведуваат во иднина, на лидерите на политичките партии во Македонија им останува да ја решат политичката криза што ја зафати земјата за ситуацијата да не ескалира, бидејќи ова, како што истакна, негативно ќе влијае на бизнис климата во Македонија.
„Несомнено дека политичката нестабилност лошо влијае на бизнисот. Влијае лошо и на постоечките бизниси со обесхрабрувањето за развој за барање на нови пазари, за зголемување на капацитетите, влијае лошо и за евентуално новите инвестиции, без оглед дали се работи за домашни или странски. Во секој случај, по дефиниција, политичката криза е многу значаен фактор за развој на една економија“, изјави Димитров.
Инаку, предлог-политиките беа претставени во пет области – овозможена правна средина, владеење на правото, развој на претприемничка култура, стимулирање фер конкуренција, како и пристап до финансиски услуги.