Admir Fazlagic
02 Март 2017•Ажурирај: 03 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - На денешната, осумнаесетта седница на Советот за рамномерен регионален развој, согласно предвидениот буџет, распределени се нови 3 милиони евра за вкупно одобрени 60 проекти: за развој на планските региони, за развој на подрачја со специфични развојни потреби и за развој на селата, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова денес го соопшти вицепремиерот задолжен за економски прашања во Владата на Република Македонија, Владимир Пешевски, кој претседаваше со седницата на Советот за рамномерен регионален развој.
Пешевски истакна дека најголемиот дел од проектите за кои е одобрена финансиска поддршка, околу 75 отсто предвидуваат проектирање или изведување на инфраструктурни зафати значајни за граѓаните, и за подобрување на условите во нивните места на живеење.
„Унапредувањето на планските региони преку реализација на проекти од страна на центрите за развој и општините е одлична можност за јакнење на конкурентноста и за поголем раст на локалната економија, за создавање нови работни места, подобрување на условите за образование, поттикнување на културниот и рекреативниот дух, како и за обезбедување подобар животен стандард“, истакна Пешевски на заедничката прес-конференција во Владата, на која присуствуваше и министерката за локална самоуправа Ширет Елези.
Од друга страна, министерката Елези рече дека Министерството за локална самоуправа како носител на политиката за рамномерен регионален развој е задоволно од бројот и квалитетот на доставените проекти од страна на Центрите за развој на планските региони и општините.
Како што изјави таа, ќе се финансираат добри и корисни проекти во сите осум плански региони, коишто имаат влијание на развојот и на квалитетот на животот на граѓаните.
Советот за рамномерен регионален развој на денешната седница одлучи да ѝ предложи на Владата во 2017 година да се финансираат 19 проекти за развој на планските региони, 23 проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби и 18 проекти за развој на селата.
Врз основа на јавен повик од Центрите за развој и од општините, беа доставени 88 проекти, од кои 60 се одобрени за финансирање.
За финансирање на овие проекти и за фунционирање на Центрите за развој, од буџетот се обезбедени 227 милиони денари, од кои 124 милиони денари за проектите за развој на планските региони, или согласно Законот, 70 отсто од средствата.
За проектите за развој на специфичните подрачја, 35,5 милиони денари, или 20 отсто од средствата, и за проектите за развој на селата, речиси 18 милиони денари, или 10 отсто од вкупните средства.
„Од 2009 година, кога започна програмата за рамномерен регионален развој, досега се финансирани 560 проекти со вкупно една милијарда денари. Нашата цел е средствата за развој на планските региони секоја година да се зголемуваат во рамките на буџетот, но и од други меѓународни фондови, со што ефектите ќе се мултиплицираат и ќе се имплементираат поголеми стратешки зафати“, изјави министерката Елези.
Таа додаде дека Министерството за локална самоуправа ќе продолжи со поддршката на планските региони и на општините, за да го поттикне развојот на помалку развиените региони, со цел да се намали развојниот диспаритет меѓу планските региони и за обезбедување воедначени локални јавни услуги за сите граѓани.