економија

„Моторот на промените во економската сфера е приватниот сектор“

„Еден од условите за економскиот развој на земјата се и стабилните меѓуетнички односи“, рече Пендаровски, додавајќи дека тоа е аксиом во Северна Македонија, инаку нема да има ништо од бизнисот

Husamedin Gina  | 22.07.2019 - Обновена : 23.07.2019
„Моторот на промените во економската сфера е приватниот сектор“ (Foto: Husamedin Gina/ AA)

СКОПЈЕ (АА) – „Моторот на промените во економската сфера е приватниот сектор и ако приватните иницијативи не бидат поддржани и од државата, нема да има севкупен развој на државата“, истакна денеска претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој имаше средба со раководството на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), јавува Anadolu Agency (AA).

На средбата беа презентирани ингеренциите на претседателот во делот на економските политики, а во своето обраќање пред раководството на ССК, претседателот Пендаровски истакна дека концептот за економскиот развој на земјата не смее да биде камен на сопнување помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ или која било друга партија и дека ќе направи сè за да се намалат политичките разлики во сферата на економијата.

„Мислам дека политичките поделби се никогаш подлабоки, никогаш поголеми во нашата историја како независна држава и дека задача на секој од нас, кој е во одреден временски период на некоја функција, прва задача е да ги намалува тие разлики“, нагласи претседателот, додавајќи дека и покрај тоа што застапува различни политички идеи, тоа нема да го спречи да разговара со другите актери на политичката сцена кои имаат потполно различен концепт од неговиот за развојот на државата, без суети и без приватно его.

„Еден од условите за економскиот развој на земјата се и стабилните меѓуетнички односи“, рече Пендаровски, додавајќи дека тоа е аксиом во Северна Македонија, инаку нема да има ништо од бизнисот.

Осврнувајќи се на дијалогот со приватниот сектор, Пендаровски рече дека тие се моторот на промените на економијата во земјата.

„Мораме да разбереме дека моторот на промените во оваа сфера е приватниот сектор и ако приватните иницијативи не бидат поддржани и од државата, нема да има севкупен развој на државата“, нагласи Пендаровски.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.