Vesna Besiç
20 Август 2019•Ажурирај: 21 Август 2019
САРАЕВО (АА) - Причината за проблемот што го имаме денес е унилатералното настојување на политичките претставници од Република Српска да се запре патот на Босна и Херцеговина кон НАТО, односно да не се достави првиот Годишен национален план (АНП)“, изјави Шефик Џаферовиќ, член на Претседателството на БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
„На денешната редовна седница немаше договор меѓу членовите на Претседателството за усвојување и испраќање на АНП кон НАТО-сојузот. И бидејќи немаше договор, за време на консултациите за подготовката на седницата, тогаш се договоривме да ја тргнеме таа точка од дневниот ред“, рече Џаферовиќ пред новинарите.
Бидејќи АНП не беше на дневен ред на редовната седница, како што рече, не е донесена одлука да биде усвоен и да се достави до НАТО, а исто така немаше да има договор ниту на вонредната седница во врска со именувањето на мандатар за новиот состав на Советот на министри на БиХ.
„Прашањето треба да биде насочено кон подготвеноста на сите нас да ги почитуваме законите на оваа земја и одлуките донесени од оваа земја. Доколку се определиме да го почитуваме принципот на владеење на правото, тогаш нема никакви проблеми, сите работи се решливи. Причината за овие проблеми што ги имаме денес е едностраното настојување на политичките претставници од РС да се запре патот на БиХ кон НАТО, односно да не се достави првиот Годишен национален план“, рече Џаферовиќ.
Тој смета дека треба да се отвори просторот за понатамошни разговори и се надева дека оваа ситуација нема да трае долго.
„ЕУ е втемелена на принципите на владеењето на правото. БиХ не смее да отстапи од овој принцип“, рече Џаферовиќ.
АНП е документ кој го побара НАТО со цел активирање на Акциониот план за членство (МАП) во тој воено-политички сојуз.
Претходно овој месец, лидерите на СДА, СНСД и Хрватската демократска унија (ХДЗ), Бакир Изетбеговиќ, Милорад Додик и Драган Човиќ, постигнаа договор во врска со формирањето на Советот на министри на БиХ, и ги потпишаа Принципите за формирање на власта на државно ниво.
Потпишаните принципи, меѓу другото, ја вклучуваат рамката за понатамошна соработка во врска со продолжувањето на патот на БиХ кон НАТО и деблокадата на работата на Парламентарното собрание на БиХ и формирањето нов состав на Советот на министри на БиХ во следните 30 дена.